Новиот менаџер на амбициозниот англиски премиерлигаш Манчестер Сити, трофејниот како водач на Барселона и минхенски Баерн, Пеп Гвардиола, отпиша тројца играчи кои вкупно чинат 100 милиони евра.


Гвардиола ја пријави екипата за Лигата на шампионите, во која ги нема напаѓачот Вилфред Бони, играчот од средниот ред Самир Насри, и бекот Елиаким Мангала.

Бони пристигна во Манчестер Сити во јануари 2015 година од Свонси Сити за 30 милиони евра со што репрезентативецот на Брегот на слоновата коска стана најскапиот африкански фудбалер во историјата. Насри е член на Сити од 2011 година кога за 28 милиони евра пристигна од лондонски Арсенал, додека Мангала е член на манчестерските „граѓани“ од 2014 година кога за 35 милиони евра беше откупен од португалски Порто.

Се нагаѓа дека тројцата отпишани до крајот на летниот преоден рок ќе се обидат да пронајдат нов ангажман. Енглиските медиуми наведуваат дека Сити најверојатно ќе го напушти и шпанскиот крилен играч Хезус Навас

Манчестер Сити во последното коло од квалификациите за пласман во Лигата на шампионите ќе игра против романска Стеауа. Првиот меч е на 17-ти август во Букурешт, а седум дена подоцна ќе се одигра реваншот во Манчестер.

OhridNews