Харалампие Хаџи Ристески е старо – нов претседател на ФФМ. На Редовното годишно Собрание што  се одржа во Струга, со 52 гласа ја доби доверба од делегатите.


Одолеа на притисоците – Хари Хаџи Ристески

На собирот присуствуваа 56 од вкупно 106 делегати, со што беше обезбеден кворум за работа. Со ова пропадна иницијативата за промени во ФФМ што ја предводеше поранешниот интернационален фудбалски судија Емил Божиноски.

По изгласаната доверба од присутните делегати, на прес – конференцијата, на новинарско прашање „дали се чувствува како победник, бидејќи скоро половина од делегатите не беа присутни“ – Хаџи Ристески одговори дека „и еден спрема нула е победа исто како и пет спрема нула“. Ваквиот одговор беше поздравен со аплауз од присутните делегати.


„ЗА“ за Харалампие. Од собранието на ФФМ

“Не би сакал да има ниту победени ниту поразени туку би сакал Иницијативниот одбор за промени да го прифати демократскиот начин на изразување на делегатите и доколку сака, го поканувам да се вклучи во работата на ФФМ бидејќи таму има истакнати спортски имиња“, рече Хаџиристески. Според него, врз делегатите се вршел силен притисок, а непознати лица во текот на ноќта присуствувале во хотелот Дрим. Хаџиристески додаде дека “полицијата на пристапните патишта кон Струга ги запирала делегатите кои требало да дојдат на Собранието“, и посочи дека ќе се побара да се испитаат овие обвинувања

Превирањата во ФФМ се служуваат во пресрет на квалификацискиот натпревар Хрватска – Македонија, кој се смета за клучен во квалификациите за пласман на ЕП. Двата спротиставени табори изјавија дека во моментов е најважна репрезентацијата, фудбалерите и селекторот, но останува отворено прашањето колку последните случувања ќе влијаат на атмосферата во репрезентацијата која денеска го започнува собирот во Охрид.


Г. Момироски
С. Костоски