Пилотот на Мерцедес, Луис Хамилтон, изјавил дека не е во предност во однос на тимскиот колега Нико Розберг, во борба за шампионската титула и покрај тоа што во генералниот пласман има 17 бодови повеќе.

Хамилтон, во неделата, победи на трката за Големата награда на Русија, која премиерно се возеше во Сочи, додека Розберг го освои второто место. Британецот на три трки до крајот на првенството има 17 бодови повеќе од Розберг.

„Позитивно е тоа што освојувам бодови и што сум пред Нико, но веќе видовме оваа сезона дека разликата никогаш не е доволно голема. Најважно е колкава ќе биде разликата на крајот од сезоната“, изјавил за BBC Луис Хамилтон, кој во Сочи ја забележа деветтата победа во сезоната, вкупни 31-ва во кариерата.

До крајот на првенството во Формула 1 ќе се возат уште три трки, во САД, во Бразил и во Абу Даби, а во ’игра’ се максимални 100 бода,

За победа се добива 25 бода, а во последната трка во сезоната бодовите ќе бидат дуплирани.

Следната трка во шампионатот на Формула 1 ќе се вози на 2.ноември во Остин, САД.

 

„Макфакс“