Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, ги повика граѓаните да гласаат на референдумот за името. Тој порача дека последната одлука сепак е на народот којшто ќе одлучи за иднината на државата.

Македонија има причини да слави и да работи. Догодина ова време ќе ги отвориме првите поглавја за членство во Европската Унија, рече премиерот Заев.
„Лани во Брисел со еврокомесарот Хан и високата претставничка Федерика Могерини договоривме заеднички пристап за исполнување на условите за напредок во Унијата. Се договоривме дека ќе испорачаме резултати, а ЕУ ќе испорача соодветна награда. Врз основа на успехот на реформскиот план 3-6-9, Македонија доби безусловна препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ“, рече Заев.
Хан од Скопје го означи стартот на скрининг-процесот за почеток на преговорите со ЕУ. Тој во текот на денот ќе се сретне и со лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но и со собранскиот спикер Талат Џафери. Двете средби ќе бидат во Собранието. По завршувањето, Хан заминува за Тирана.












