Македонија се врати на европскиот пат, но има уште многу да се работи. Реформите мора да продолжат особено во независноста на судството, рече еврокомесарот Јоханес Хан на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, за извештајот на Европската Комисија со кој Македонија доби безусловна препорака за почеток на преговорите со Европската Унија.
„Не можам да ја скријам мојата лична среќа за овој успех постигнат по многуте посети. Ова е еден пат кон Европа и останува уште многу да се направи, но уште еднаш искрено ѝ честитам на владата и опозицијата која конечно беше сериозна во поддржувањето на оваа национална цел. Сите овие страни придонесоа до овој момент кој е важен за патот кон ЕУ на Македонија“, рече Хан.
Тој рече дека и граѓаните ја заслужија оваа неусловена препорака со која сите земји-членки на ЕУ го признаа фокусирањето на земјата кон постигнувањето на целите.
„Земјата помина долг пат и покрај тешките околности за да ја надмине длабоката политичка криза и сега сте цврсто назад на европскиот пат. Гледаме дека има позитивна промена, обновено чувство на отвореност и надеж во земјата. Ја чувствувам атмосферата и добрите вибрации во земјата. Македонија стана ветување за демократска промена во целиот регион. Со имплементирање на договорот од Пржино, реформите се спроведуваат, имаме отворени и транспарентни реформи. Но за да се задржи ова нема простор за задоволство, реформите мора да продолжат особено во независноста на судството, промената не е само да се подобри легислативата туку и нејзина имплементација“, рече Хан.