Еврокомесарот за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, во интервју за бугарскиот весник „Капитал“, вели дека не е важно дали сите партии ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори во Македонија, закажани за 24 април, туку дека важно е тие да се квалитетни.


„За нас одлучувачко е изборите да се случат на фер, транспарентен и демократски начин. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. На оваа основа можеме да правиме следни чекори и да продолжиме напред“, вели Хан.

Хан потенцира дека изборите се само еден елемент од договорот кој го направиле опозицијата и власта во земјава, и дека дел од тие елементи се исполнети, иако некои и по крајниот рок што бил дефиниран.

„Договорот меѓу опозицијата и Груевски за разрешување на политичката криза во Македонија има многу елементи, и изборите во април се само еден од нив. Дел од тие елементи се исполнети, макар и по крајниот рок што беше предвиден. Се разбира, во таква чувствителна ситуација е убаво да има национален консензус. Но, треба да прифатиме дека тоа може и да е недостижно“, вели Хан.

Тој повтори дека значајно е изборите да се фер и демократски, дека работат со ОБСЕ и дека тие ќе испратат повеќе луѓе од вообичаено да набљудуваат, како во подготвителната фаза, така и на самото гласање на изборниот ден.

OhridNews
извор Макфакс