Електронските и печатените медиуми се под постојани политички и економски притисоци, а во последните неколку години речиси и да нема пазарни правила на игра. Ваквата ситуација не претставува изненадување, констатираа дел од субјектите во оваа сфера, ако се има предвид фактот дека владата преку нејзините реклами е четврт според големината огласувач.
-Тоа значи дека медиумите се зависни од овие пари, што секако влијае врз начинот на кој што ги презентираат вестите, рече Биљана Петковска МИМ.
Маркетинг агенциите кои го купуваат рекламниот простор се повеќе се водат од одреден политички диктат, што уште повеќе ја усложнува ситуацијата
-Полтичките влијанија се очигледни во уредувачката политика на одредени медиуми , и тие во овој период се манифестирааат во највулгарен облик. Ако е власта директен сопственик на многу бизниси, за очекување беше да откупат и некои медиуми. Во Грузија многу од уредниците кои не се согласуваа со ваквата зависна уредувачка политика поднесоа отказ. Кај нас не верувам дека некој има таква смелост, рече Горан Гаврилов Канал 77.
Ваквите притисоци се дел од минатото за поголемиот број земји од регионот. Хрватска заврши со тој дел од медиумската историја уште пред 10 години, рече Иван Ловречек РТЛ Хрватска.
Ситнењето на рекламниот колач и намалените средства влијаат врз домашната продукција која полека исчезнува, констатираа учесниците на денешната трибина. Во ваква ситуација на радиодифузерите им е поевтино да купат квизови, серии или филмска програма.