Американските власти го казниле медицинскиот факултет при универзитетот Харвард со 24 илјади долари поради експеримент во кој биле усмртени четири лабораториски мајмуни. Еден мајмун умрел во февруари 2011 година откако научниците го предозирале со анестетик, по што му откажал црниот дроб. Уште два мајмуни умреле откако во експеримент им била ускратувана вода, а четвртиот умрел така што околу вратот му зе замотал и го угушил ланец кој бил во неговиот кафез.

Организациите за заштита на животните се незадоволни од казната и сметаат дека требало да биде многу поголема. Претставникот за медиумите на организацијата „Луѓе за етички третман на животните“ Џастин Гудмен рекол дека Харвард годишно од државниот буџет добила 185 милиони долари. Половина од тие пари ги трошел на експерименти со животни. Според него, казната од 24 илјади долари нема да го мотивира факултетот да се однесува кон животните подобро.