Жалбениот совет на Хашкиот трибунал денеска ја одби жалбата на  Јохан Тарчуловски за 12-годишната затворска казна за случајот „Љуботен“, јави националната телевизија Телма.

Судиите не ги прифатија  аргументите на одбраната на Тарчуловски дека тој не е одговорен за полициската акција во Љуботен, зашто таа била легитимна и според меѓународното право не може да се смета за воено злосторство. Љуботен, според одбраната, е случај без директен доказ за извршено воено злосторство, кој има локален карактер и треба да се процесуира во Македонија.

Судот ја отфрли и жалбата на обвинителството за ослободителната пресуда на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.

Денешните одлуки на Судот се конечни.

Тарчуловски и Бошкоски беа единствените македонски државјани кои беа процесуирани во Судот во Хаг за случувањата за време на конфликтот во Македонија во 2001 година.

Судскиот совет на 12 јули 2008 го ослободи Бошкоски од обвиненијата за извршените злосторства во скопското село Љуботен, а Тарчуловски го осуди на казна затвор од 12 години. Јохан Тарчуловски е во затворот во Шевенинген од 16 март 2005 година кога по барање на Хашкиот трибунал беше екстрадиран од Македонија во Холандија.

На објавувањето на пресудата по жалбата на Тарчуловски присуствуваат повеќе од 130 негови пријатели, поддржувачи, градоначалници, пратеници, меѓу кои и 30 новинари од Македонија, кои со чартер лет обезбеден од Здружението за поддршка на Јохан, рано изутрината од Скопје заминаа за Хаг.

OhridNews
извор: „Телма“