Во врска со синоќешната хеликоптерска несреќа во која животот го загубија четворица вработени во МВР, денес, одржа прес конференција министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Јанкуловска информира дека во несреќата загинале: Драги Мицев роден 1969 година во Струмица, началник – пилот на хелихоптерската единица со работен стаж од 34 години, Марјан Трајковиќ роден 1967 година во Куманово, пилот – капетан со работен стаж од 37 години, Тоде Орешков роден 1970 година во Рожден – Кавадарци, воздухопловен инспектор за лиценцирање на воздухопловен персонал – пилот со работен стаж од 36 години и Иљо Лопатички роден 1968 година во Битола, командир – пилот со работен стаж од 36 години.

– Синоќа се соочивме со еден од најцрните и најтешки моменти во историјата на Министерството за внатрешни работи. Загубивме четворица наши искусни колеги, кои со своето знаење, дух и професионализам, оставија длабок печат врз нас и врз работењето на Министерството. Драги, Марјан, Тоде и Иљо беа врвот на хелихоптерската единица и најдобриот персонал кој МВР го имаше. Беа искусни и со безброј часови лет во различни услови и во различни акции, рече Јанкуловска.

Трагичната несреќа се случила околу 22 часот во близина на Струмица. Според првичните информации, за време на ноќниот тренажен лет, хелихоптерот удрил во антенски столб на Македонска Радио Дифузија висок 120 метри. Хелихоптерот летал на релација Скопје-Кавадарци-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и обратно. Истиот бил редовно сервисиран и во текот на летот во кој е користена опрема за ноќна визуелизација,сега веќе загинатите, не се пожалиле на проблеми. Веднаш по несреќата се преземени мерки за обезбедување на местото и од страна на МВР формирана е Комисија за спроведување на истрага за несреќата на полицискиот хелихоптер составена од експерти од различни области со цел утврдување на причините за истата и информиран е Основен Јавен Обвинител од Струмица кој го спроведува увидот на лице место.

Во моментот сеуште е во тек обезбедување на траги од лице место врз основа на кои со криминалистичко техничко вештачење и обезбедување на соодветни докази ќе се разјаснат причините поради кои настанала трагедијата. При увидот на лице место, досега пронајдени се двете црни кутии и уредот за покажување правецот на летот кои ќе бидат подложени на понатамошна експертиза и вештачење. Согласно меѓународните воздухопловни процедури, известени се земјата на производство и конструкциското биро.

OhridNews