Новата игра „Henophobia“ за „Iphone“ и „Ipod“ уредите, што ја креираше македонскиот програмер Танасие Ѓоргоски од Струга, од денеска е достапна за корисниците од целиот свет.

-Henophobia“ (страв од кокошки) е аркадна игра, мешавина на флипер (pinball), „Arkanoid“ и „Space Invaders“. Се работи за одбрана на Земјата од инвазија на вонземјани со помош на кокошки. Со палците се контролираат две палки, со кои се удираат кокошките, и треба да се насочат кон различни цели (зависно од нивото). Играта е „Free“ за преземање и првите 12 нивоа исто така. После тоа има еднократна доплата од $1.99 за да се отклучи цела игра, која имат вкупно 50тина нивоа.-објаснува Ѓоргоски. 

Танасие играта ја креирал две години во слободно време помеѓу секојдневните работни обврски.

-Создавањето на играта ми беше хоби, бидејќи секојдневна работа ми е на „Learning Content Management Software“ за фирмата Xyleme, така што  само во слободно време ја правев. Згора на тоа, се програмира во “Objective C” јазик, и нова платформа за програмирање (нови алатки и слично), па ми требаше малку време и јазикот да го научам.-истакна Танасие Ѓоргоски.

Идејата, програмирањето, дизајнот и други елементи се на Танасие Ѓоргоски, но бидејќи играта бара графика, тој најмил интернационален тим кој работел на детали од „Henophobia“.

-Најмив луѓе преку интернет за да ми ги нацртаат позадините и спрајтовите. Неколку души беа – еден од Шведска, една девојка од Кина и еден дечко од Филипини. За нивниот ангажман издвоив сопствени финансиски средства. Исто така играта има оригинална музика со откупени авторски права.-додава Ѓоргоски.

Најмногу време Танасие потрошил на креирање на нивоата од играта и на тестирање дали се добри, во што му помогнале најблиските.

-Во тестирањето ми помогнаа најблиските – жена, децата, кои отпрвин се чудеа кога им кажав дека ќе правам игра, но потоа се радуваа кога ги гледаа првите прототипови.Тука беа и пријатели, деца од комшии и други.-раскажува за процесот на создавање на играта „Henophobia“ , Танасие Ѓоргоски. 

Играта е веќе достапна онлајн, а љубопитните и гејмерите играта можат да ја симнат од следниот линк („Henophobia“)

Г. Момироски