Научниците од Хидробиолошкиот институт од Охрид будно ја следат состојбата во Охридското Езеро по појавата на кинескиот „Толстолобик“, неавтохтон вид краповидна риба, која била уловена на два пати за кус период, еднаш во декември на далјанот во Струга и завчера за време на риболовот за потребите на вештачкиот мрест. Велат дека ќе се обидат да го лоцираат изворот на проблемот, иако сметаат дека тоа ќе биде многу тешко.
–Тоа може да биде долг процес, но може и никогаш да не се дознае изворот. – рече Зоран Спиркоски од ХБИ Охрид.
Од друга страна граѓани на Охрид кои неодамна престојувале од другата страна на езерото во Албанија велат дека на локалниот пазар во Поградец се продава Толстолобик по цена од 150 денари за килограм , одгледуван во тамошните рибници. Дали појавата на неавтохтониот вид риба има некаква поврзаност со одгледувањето на Толстолобик во рибници во сливот на Охридското Езеро, засега е само претпоставка. Според Спиркоски, пак, едно е јасно, неавтохтониот вид риба во го донел човекот.
-Доаѓањето на рибата во секој случај е овозможено преку човекот, бидејќи ја внесол во сливното подрачје на Охридското Езеро, дали за одгледување во некој рибници и на тој начин кога имате континуирана врска преку одреден водотек, можно е таа иста риба да се најде во места каде не треба да се наоѓа, како што е во случај нашето Охридско Езеро.-вели Спиркоски.
Уловените примероци Толстолобик кој живее претежно во слатководни мочурливи води, биле тешки околу два килограми, што според стручњаците укажува дека неавтохтоната риба е присутна во езерото околу една година. Доколку почне природно да се размножува може да предизвика сериозни последици врз автохтониот жив свет.
–Секоја риба којашто е нововнесена, намерно или ненамерно од рибниците кои се во сливното подрачје, може да се очекува доколку почне да се размножува природно во Охридското Езеро да се јават и соодветни проблеми коишто сега за сега не можеме да ги очекуваме и да знаеме што може да се случи. – истакна Спиркоски, посочувајќи дека Толстолобикот е познат како штетник во местата каде што живее.
Загриженост од појавата на Толстолобик во Охридското Езеро изразуваат и рекреативните риболовци. Тие сметаат дека во Македонија не се води доволно грижа каква се риба се увезува и со што се порибуваат природните езера, посочувајќи дека Охридското Езеро може да го снајде судбината на Преспанското каде исчезнуваат одредени автохтони видови риба.
– Сигурно може да го наруши еко системот, кој е уникатен и треба да го зачуваме. Оваа појава, а веројатно ќе се појави и некој друг вид на риба, бидејќи никој не се води грижа со што се порибува Македонија, еве Преспанско Езеро се пориби со неавтохтон вид крап и го уништивме преспанскиот крап. Оваа грешка не можеме никако да ја исправиме бидејќи не можеме да ги изловиме само неавтохтоните видови риба од Охридското Езеро. – изјави Радован Димитриевски од СРД „Св. Апостол Петар“.
Инаку кинескиот Толстолобик во Македонија го има во Тиквешкото и Крушевското Езеро и други акумулации, каде биле уловени примероци тешки до 20 килограми
Г.М.
















