Предадена значајна донација од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) на ЈНУ Хидробиолошкиот завод Охрид, важен чекор за унапредување на научно-истражувачката инфраструктура на Заводот и меѓународната соработка во областа на заштитата на водните еко-системи.

Донацијата од ТИКА преку комплетно реновирање и опремување на две важни одделенија, Одделението за фитопланктон и Одделението за зоопланктон, како и донацијата на возило за нас насушна потреба, но и современ микроскоп, претставува значаен придонес за унапредување на научно-истражувачките капацитети на Хидробиолошкиот завод, рече директорката на ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, Орхидеја Тасевска.

Денес не одбележуваме само предавање на донација, туку израз на доверба во науката и во институциите што се грижат за највредното што го имаме нашето природно наследство. За нас оваа поддршка значи нов импулс за понатамошна посветена, одговорна и современа научна работа. Со оваа донација се создаваат услови за уште попрецизни истражувања, подобар мониторинг и поефикасна заштита на Охридското Езеро, но и сите водни тела во нашата земја. Оваа донација е вложување не само во простор и опрема, туку и во знаење, стручност и иднина. Денешниот настан за Хидробиолошки завод претставува значајна потврда дека научната работа, кога е препознаена и поддржувана, добива дополнителна сила и смисла. Оваа поддршка е знак на доверба во луѓето, знаењето и мисијата што ја носиме со децении, посочи Тасевска искажувајќи благодорарност до ТИКА за поддршката и вреднувањето на работата, како и до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за укажаната чест и силната порака дека науката и заштитата на животната средина се национален приоритет.

Претседателот на ТИКА, Абдула Ерен ја потенцираше свесноста за зачувување на околината посебно за зачувување на Охридското Езеро кое е многу значајно и ценето за Р.С. Македонија и за Европа.

Како ТИКА функционираме 20 години во Р.С. Македонија и досега се реализирани над 1300 проекти во многубројни области во државава. Имаме реализирано многу различни работи, активности и проекти во многу различни градови низ целата државата. Главна цел на сите овие проекти кои ги реализира ТИКА и Р. Турција е зацврстување на постоечките односи меѓу двете држави, Р.С. Македонија и Р. Турција. Ме радува тоа што претседателката е вклучена дирекно во овој значаен проект од којшто и ние сме дел, додаде Ерен.

Амбасадор на Р. Турција во Македонија Фатих Улусој изрази задоволството што е дел од церемонијата за отворање на проектот што го спроведува ТИКА за подобрување на институционалниот капацитет на Хидробиолошкиот институт кој работи за заштита на Охридското Езеро, место кое, рече, е под заштита на УНЕСКО, едно од најстарите езера во Европа и другите сладководни басени.

Верувам дека овој проект по упатување на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова ќе даде значаен придонес во напорите за зачувување на природната убавина на оваа прекрасна земја, особено на Охридското Езеро. Ние секогаш сме биле на страната на нашиот пријател и сојузник Северна Македонија, со којашто споделуваме заеднички историски, културни и човечки врски уште од нејзината независност. И во иднина ќе продолжиме да бидеме покрај неа. Изразувам благодарност до почитуваната претседателка поради нејзината чуствителност за заштита на нашата природа и поради приликата којашто ја даде на ТИКА за реализација на овој проект, рече Улусој.

Оваа донација уште еднаш покажува и докажува дека науката и етиката се неразделни, а овој потег на ТИКA го сметам за етички, за разбирање што значи науката, не само за вработените, туку и за мене и за нив, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Очекувам токму благодарение на донацијата на ТИКА од страна на пријателска Република Турција да се надминат големите проблеми со коишто се соочува Хидробиолошкиот завод од Охрид. Се работи за вредна донација, за вредна инвестиција насочена кон реновирање и опрема на лабораториските и помошните простории во Одделението за фитопланктон и во Одделението за зоопланктон, како и веќе споменатото теренско возило. ТИКА уште еднаш докажа на дело, не на зборови само, голема поддршка не само на Институтот, туку на македонските граѓани и на македонската држава за што уште еднаш сум им благодарна. Се разбира, останува, како што веќе претседателот на ТИКА рече, простор и за поширока и за подлабока македонско-турска соработка и во многу други области, во економијата, во образованието, во културата, во туризмот. Очекувам оваа важна поддршка да ја инспирира државата, бидејќи таа е најодговорна да преземе свој удел во инвестирањето и во кадровското доекипирање на десетте одделенија, бидејќи секое има од нив свои потреби и приоритети покрај заедничките, додаде Сиљановска-Давкова.

Посочи дека езерото е постаро од нас, сме го наследиле и треба да им го оставиме на идните генерации.

Фото галерија:

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска