ЈНУ Хидробиолошкиот завод – Охрид доби поддршка од Министерството за образование и наука (МОН) за реализација на нов научно-истражувачки проект „Лимнолошки истражувања на Охридското Езеро“. Од Заводот упатуваат благодарност до МОН за препознавањето на нивните капацитети и значењето на оваа тема.
Продолжуваме посветено да работиме на истражувањата и заложбите за заштита на Охридското Езеро – нашето природно наследство и екосистем од непроценливо значење, посочуваат.
Осум јавни научни установи две години ќе работат на истражувања од висок стратешки и национален интерес за Македонија, со поддршка на Министерството за образование и наука од 23,7 милиони денари, информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска при потпишувањето на договорите со јавните научни установи.
Меѓу одобрените проекти се Етимолошкиот речник на македонскиот јазик, истражувањата на Охридското Езеро, Лексиконот на македонскиот фолклор како и истражувањето на културното наследство на Албанците од Кумановскиот регион. Науката и истражувањата го даваат најдобриот одговор на предизвиците. Затоа, при креирањето на буџетот, одлучивме дека приоритет ни е стимулирање на домашна научна мисла, како влог во иднината на државата. Го поттикнуваме користењето на целокупниот национален потенцијал: интелектуален, технолошки и човечки за да обезбедиме напредок и конкурентност на државата, нагласи Јаневска.
Освен финансирање на проекти на јавни научни установи, Министерството, во рамки на Програмата за поддршка на научно – истражувачката дејност во Македонија за 2025 година, ќе финансира и пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот, во рамки на паметната специјализација на државата, со 30,4 милиони денари.
Н.С.Ј.
фото. МОН