Целосно повлекување на аболицијата, а не делумно е единствен начин да се поправи штетата што е нанесена на кредбилитетот на Македонија и ќе овозможи излез од политичката криза.  Ова беше централно прашање за кое разговараше  американскиот помошник заменик државен секретар Хојт Брајан Ји на средбите со партиските лидери и претседателот Иванов, објави „Телма“. Тој не откри кој предложил делумна аболиција и за колкумина, само дека е неприфатливо.

-Многу  е важно лидерите итно да дејствуваат и да ја поправат штетата која е направена со овие помилувања. Ако лидерите само делумно, селективно го повлечат помилувањето тоа ќе придонесе за уште поголемо зголемување на чувството за неказнивост во земјата и недостиг на одговорност, рече Хојт Брајан Ји, помошник заменик државен секретар на САД.

Со повлекување на аболицијата ќе се острани и најголемата пречка за работата на Специјалното јавно обвинителство, кое за САД е од суштинско значење за да се расчистат сите злоупотреби кои ги открија прислушуваните разговори.

-Одговорноста исто така подразбира партиите и лидерите на земјата, во целост да ја поддржат работата на институциите кои придонесуваат во демократијата кои се одговорни за индициите за криминал од прислушуваниот материјал, вклучувајќи го и Специјалното обвинителство. Во спротивно, Македонија ќе остане заглавена во оваа криза и нема да може да напредува во своите цели, односно да се придвижи кон НАТО и ЕУ, смета Ји.

Високиот американски функционер не сакаше ништо да коментира околу техничката Влада, вчерашната смена на министрите и дали очекуваат Никола Груиевски повторно да биде премиер. САД бараат одговорна влада која ќе ги спроведе потребните реформи за  да има услови за кредибилни избори.

OhridNews
Извор:„Телма“