Заменикот помошник државен секретар на САД, Хојт Ји, го осуди нападот на пратениците во македонскиот Парламент, нарекувајќи го насилен и кукавички, а целиот настан несреќен и алармирачки, пренесува „Макфакс“.
Разликите во мислењата што ги имаат партиите околу владината програма,порача тој, треба да се решаваат низ расправа во Парламентот, почитувајќи го правото на мнозинството пратеници да решат кој ќе биде негов спикер.
„Ние силно ги осудуваме овие напади, бараме од властите да ги истражат,а одговорните да ги изнесат пред правдата. Веруваме дека политичките лидери треба да најдат решение за овој ќорсокак и начин мнозинството во Парламентот да предложи влада и владина програма“, порача Ји по средбите со сите политички лидери и претседателот Ѓорге Иванов.
Генерално тој не навести со што се обидел да ги убеди преставниците на ВМРО-ДПМНЕ да обезбедат мирен трансфер на власта, но соопшти дека во разговорите сите искажале разбирање за сериозноста на ситуацијата и за потребата да се излезе од политичкиот ќорсокак.
„Треба да го прашате самиот Никола Груевски за неговите намери. На средбите слушнав дека сите имаат разбирање за сериозноста на кризата, за потребата таа да се надмине и земјата да оди напред. Но, каква улога ќе одиграат лидерите поединечно во решавањето на кризата зависи од разговорите и преговорите меѓу партиите“, рече Ји.
САД, рече тој, се подготвени да им помогнат на оние што сакаат да ја постигнат таа цел и да ја приближат Македонија до ЕУ и НАТО, претходно нагласувајќи дека неговата и нашата земја се партнери, а партнерите имаат заеднички интереси и делат заеднички принципи кога решаваат конфликти.
„Важно е партнерите да сметаат еден на друг, да го остваруваат тоа на што се обврзале. Ние ги сметаме за одговорни за она што го велат и што го прават“, порача Ји.
Од она што го слушнал на средбите тој соопшти дека лидерите се залагале за демократска и за унитарна држава, за мирен трансфер и мирно решавање на конфликтот, како и за решение што е биде инклузивно и кое никого нема да остави настрана. Што значи тоа на обичен неполитички јазик не е јасно, но беше сосема јасна позицијата на САД околу изборот на Талат Џафери за претседател на Парламентот.
„Ние соопштивме јавно дека ќе работиме со новиот спикер на Парламентот, Талат Џафери. Истото го кажаа и ЕУ, НАТО и Берлин. Не сме единствени што сметаме дека на Џафери треба да му се даде секоја можност да го демонстрира своето лидерство и да го направи неопходниот чекор за да се формира влада“, рече Ји.
Со средбата претходно со Џафери во Парламентот, како прв странски функционер кој се сретнал со него како со нов спикер, тој го демонстрираше тоа најдиректно.
Генерално Ји нагласи дека е важно што ќе направи политичкото лидерство за завршување на кризата наредните денови, но дека став на САД е дека решение за кризата е создавање нова влада која ќе може да усвојува закони, да спроведува реформи и да исплаќа плати.
„Разбравме дека постои загриженост за владината програма. Во сите демократии тоа се дебатира во Парламентот “, беше рецептот на Ји за недоразбирањата околу Тиранската платформа.
Ји на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Клубот на пратениците остана речиси два часа, а со останатите лидери по час и половина. Дека тоа што го слушнал од ВМРО-ДПМНЕ не мора да се оствари, се виде уште на прес конференцијата на која се појави еден од нивните американски медиумски перјаници, Кристофер Делисо, кој се обиде да го испровоцира Хојт Ји со прашањето „кој ви дал за право да доаѓате тука и да барате решенија“.
„Јас сум Хојт Ји, заменик помошни државен секретар на САД. Владата на САД е сериозна организација која работи според основните бирократски принципи, особено во односите со странските држави“, беше одговорот на Ји на Делисо.
Пораките на Ји беа во дебела дипломатска обланда, но од она што можеше да се сфати од понеделник ќе почне процесот на формирање влада, а САД веќе ја признаваат нејзината легитимност.
OhridNews
извор: „Макфакс“