Холандскиот тренер Дик Адвокат ќе биде новиот селектор на фудбалската репрезентација на Србија. Адвокат на функцијата ќе го наследи селекторот на младата репрезентација на Србија, Љубинко Друловиќ, кој беше вршител на должноста по заминувањето на Синиша Михајловиќ.

 „Утре или најдоцна задутре и официјално ќе потврдиме дека Адвокат е новиот селектор. За време на викендот тој и официјално ќе и биде преставен на јавноста“, изјавил за Б92, првиот човек на Фудбалскиот сојуз ан Србија, Томислав Караџиќ.

Адвокат има 66 години, а во богатата кариера бил тренер на ПСВ Ајндховен, Глазгов Ренџерс, Борусија Менхенгладбах, Зенит, АЗ Алкмар и репрезентациите на Јужна Кореа, Холандија, Русија и Белгија.

„Србија има одличен тим, фокусот на репрезентацијата ќе бидат квалификациите за ЕП во 2016 година. Јас лично не сакав да работам како клупски тренер, Фудбалскиот сојуз ја презеде иницијативата во преговорите и јас се согласив да бидам селектор на репрезентацијата“, изјавил Адвокат за холандските медиуми, потврдувајќи дека ќе потпише двегодишен договор.

Во квалификациите за пласман на ЕП во 2016 година противници на Србија ќе бидат Португалија, Данска, Ерменија и Албанија.