Младиот пар Дион и Сани, се холанѓаните кои
преку видеото кое го снимија и го поставија на “Јутјуб“ каналот ја покажаа убавата страна на Охрид, при тоа привлекувајќи големо внимание од јавноста.
Туристичкиот водич Иван Цекиќ раскажува за непосредноста и дружбата со холандските туристи кои од еден поинаков агол го преставија Охрид.
– Уште при пристигнувањето во Охрид, тие беа расположени за авантура во природа и љубопитни за откривање на нашето секојдневие, традицијата, културата. Како што и започнува спотот од еднодневните екскурзии со велосипед, се одлучија за најдолгата, најкомплицираната, ‘‘Две Езера, Два Бисери‘‘. Екскурзијата вклучува трансфер до врвот на Галичица – БАБА кај црквичката Св. Ѓорѓија. Од тука следи 4 км пешачење до врвот ‘‘Лакој Сигној‘‘ на 2000 м.н.в. од каде ве очекува фасцинантен поглед на Охридското и Преспанското Езеро. по слегувањето од врвот Лакој Сигној продолжуваат со велосипеди по Галичица во должина од 24 км се до превојот Крстец на 1555 м.н.в над Велстово, од каде што следи уште 14 км спуст до Охрид. – објаснува Цекиќ, лиценциран професионален туристички водич.
Цекиќ не бил изненаден што снимаат бидејќи речиси сите туристи со себе носат камери или фотоапарати и ги овековечуваат моментите кои ги гледаат. Ниту на крај на памет не му било , дека она што го снимаат ќе биде вистински хит.
–
Видов дека имаат камера како и многумина од гостите, но дека ќе следи ваков спот за Охрид и околината, воопшто не очекував. Спотот го пренесоа скоро сите интернет и телевизиски медиуми, а во моментов на ’’Јутјуб’’ е прегледан околу 20.000 пати. Додека траеше ексурзијата, следеа многубројни прашања од нивна страна, во сите области. Низ разговорите се трудев да им ја презентирам Македонија и Охридската околина на најдобар можен начин и им доделив еден примерок од брошурата за Активен Одмор во Југозападна Македонија која ја издаде ЕДЕН – Туристичкиот Кластер, каде еден од основачите е Велодром, воедно и главен координатор на проектите за активниот одмор – вели Цекиќ.
Дион и Сани беа воодушевени од потенцијалите за дополнителни активности при престој во регионот. Изразија надеж дека оваа природна убавина кој ни е дар од бога, ќе ја зачуваме во ваква форма, без да и наштетиме со масовниот туризам кон кој се цели со пропагандата и претставувањето на странските пазари.
– Р
егионот претставува огромен потенцијал за развој на останатите форми на туризам, во кои за жал не се инвестира и не се практикуваат од страна на надлежните. Да се надеваме дека овој видео спот кој со голем ентузијазам го изработил Дион, ќе ги потсети сите засегнати туристички работници дека е крајно време да се промени насоката за развој на туризмот. Години наназад ни се повторуваат приказните за елитни хотели и масовен туризам, на кои не им е местото во Македонија– дополнува Александар, од Велодром Травел.
Речиси нема охриѓанец кој не го гледал видеото, а притоа да не ја изрази благодарноста за фантастичниот потег на холандските туристи за бесплатната промоција на Охрид. Тие низ шега велат дека нивната сметка е отоворена за донации, но и дека се надеваат дека ќе дојдат пак и ќе ги најдат Охрид и Македонија, онака како што ги оставиле, вечни и мистични.
Видео: Сите убавини на Охрид од холандска перспектива
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com