Неколку илјади луѓе со фрлање ситни парички, денес, пред Владата, во најголем број хонорарци, припадници на неколку синдикати, уметници и сите оние кои се засегнати од промените кои следат со новиот Закон за придонеси со кој се опфаќаат и хонорарните работници, го искажаа незадоволството.

Со транспаренти со различни пораки, како „Хонорарците не се богаташи“, „Не сме економско робје“, „Не кради – 8-ма заповед“, „Тој данок – нивна иднина“, „Даночен рај за странци, пекол за хонорарци“ и извици: „Рекет“, незадоволните од законот кој стапува на сила од 1-ви јануари, тргнаа од паркот „Жена борец, пред Собранието, пред Министерството за труд и социјална политика до зградата на Владата. Организаторите сметаат дека намерата на Владата да воведе плаќање придонеси за хонорарите од 1-ви јануари 2015 година ќе доведе до зголемување на сиромаштијата и до зголемување на невработеноста.

Здравко Савески од Левичарското движење „Солидарност” смета дека примената на овој закон ќе значи осиромашување на граѓаните кои земаат ниски хонорори, а може да доведе и до отпуштања на вработени.

„Директно засегнати се сите хонорарни работници, но она што мора да се каже е дека овие законски измени отвораат голема опасност за злоупотреби и голем број нововработени и сегашни вработени да бидат префрлени од редовен работен однос во хонорарен, со што дополнително ќе им се намалат работничките права“, рече Савевски.

Тамара Чаушидис, од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, истакна дека со законските измени многу ќе бидат погодени новинарите од коишто веќе една третина се во хонорарен работен однос.

„Начинот на кој ние денеска го покажуваме нашето незадоволство е последица од игнорирањето на сите обиди за разговори и укажување дека овие измени ќе ги осиромашат сиромашните, а богатите ќе ги остават богати. Затоа, дојдовме вака јавно да им покажеме дека не се согласуваме, ова се лажни социјални мерки и намерата е прочитана“, рече Чаушидис.

Организаторите на протестите имаат забелешка и на тоа што државните службеници се изземени од оваа обврска, којашто Владата им ја наметнува на сите другите. Бараат да се стопира примената на измените на законите со кои се воведува плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, со цел да се отвори простор за нивна измена и повлекување. Преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување. Да се покачи или целосно да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.

Сметаат дека голем број лица во Македонија, немајќи можност за редовно вработување, се принудени да се борат за својата егзистенција работејќи за хонорар, кој најчесто не е ниту редовен, ниту висок. Покрај тоа, ним не им следуваат сите оние права кои ги имаат според закон работниците во редовен работен однос.

OhridNews

извор: Макфакс фото: Капитал