Дури 95 отсто од македонските туристички агенции ги извезуваат домашните туристи и не се подготвени да инвестираат за да се развие туризмот во државата, смета Дончо Танески, претседател на Асоцијацијата на хотелиерите на Македонија (ХОТАМ).

Тој истакна дека македонските агенции не се заинтересирани да закупат кревет во хотелите, поради високата цена, но како што рече „кога ќе се појават агенциите да вложат во домашниот пазар ние сме спремни да работиме“.


Кога македонските агенции ќе го направат истото што го направи и странскиот тур-оператор, да закупат соби колку што им  требаат, тие и ќе добијат цена за тоа. Нашите агенции не се спремни тоа да го направат и не пројавија интерес затоа што треба голема инвестиција од минимум 200.000 евра“, потенцираше Танески.

Од туристичките агенции, пак, велат дека хотелиерите не им доставуваат понуди за цената на собите, а и водат нелојална конкуренција со тоа што нудат пониска цена доколку гостинот сам си резервира, наместо преку туристичка агенција. Агенциите тврдат дека и на македонските граѓани повеќе им одговара да си најдат на лице место сместување во Охрид, отколку да резервираат преку туристичка агенција, бидејќи на тој начин можат и по поевтина цена да се сместат.

Според информациите од агенциите, хотелите во Охрид нудат стимул од седум отсто од цената за престој, додека хотелите во Грција даваат 30 отсто пониска цена, па потоа агенциите сами да си ја одредат добивката, а нудат и стимул од десет отсто доколку хотелот од таа агенција заработи над 100.000 евра.

Не се секогаш туристичките агенции виновни за тоа што хотелите се празни. Не знаат да ги работат хотелите. Мал е бројот на хотели од Охрид кои постојано ни нудат поволна цена за сместување. Треба по сезонава да се договориме со хотелите да ни дадат пристојна цена за ние да можеме да ја нудиме на македонските туристи“, истакна Дончо Нацев, директор на туристичката агенција „Арбо Травел“.
 
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на домашните туристи во мај 2011 година, во однос на мај 2010 година, е намален за 18,8 отсто, а бројот на странските туристи е зголемен за 20,8 отсто.

OhridNews
извор: Makfaks