На охридската ривиера оваа година ќе одмараат десетина илјади туристи помалку од земјите на Бенелукс, а наместо предвидените 12, на аеродромот „Св. Апостол Павле“ неделно ќе се реализираат 5 чартер летови неделно, информираат од ХОТАМ. Како причина за значително намалениот број на гости од Холандија и Белгија, од ХОТАМ го наведуваат повеќе месечното доцнење на исплатата на државните субвенции за реализираните аранжмани во 2012 година на туроператорите, за што е задолжена Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
-Оваа година според најавите на трите партнери од земјите на Бенелукс, кои две години го работат овој пазар, имаше најава за пристигнување на 30 илјади туристи од Холандија и Белгија, но за жал ќе пристигнат можеби околу 20 илјади. Тоа е последица на ненавремено исплаќање на субвенциите на туроператорите од странство. Иако барањата се доставени уредно до сега се обработени и ипсратени решенија само за мај, јуни и јули 2012, а за останатите три месеци, август, септември и октомври, ни решенија за исплата не се испратени до туроператорите.-изјави Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.
Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, која е задолжена за исплата на субвенциите, објаснуваат дека поради одредени административни процедури, наместо овој месец, како што првично било предвидено, туроператорите ќе ги добијат средствата за донесените странски туристи во 2012, по велигденските празници.
-Субвенциите за 2011 беа исплатени крај на јуни, а за 2012 ќе бидат исплатени во првите денови од мај. Нема логика да кажува некој дека доцниме. Вкупно ќе бидат исплатени субвенции некаде милион и 50 илјади евра цирка.-изјави Јордан Трајков, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Трајков смета дека институцијата со која тој раководи е мета на напади на претседателот на ХОТАМ, бидејќи одбила на агенција блиска на него да исплати субвенции кои немало основ да бидат пресметани.
–Конкретно во нивните барања за субвенции има и барања за деца за кои не се плаќа, како и барања за лица кои не се туристи, односно за обични патници кои доаѓаат со чартер авионите.-истакна Трајков.
Танески, пак, тврди дека простор за манипулација со субвенциите нема затоа што тие се исплаќаат врз основа на 13 прописи пропишани од државата, посочувајќи дека средствата не легнуваат на сметка на домашните хотели и агенции, туку кај туроператорите кои ги носат странските гости.
-Не е само листата на документи, туку мора сите меѓусебни плаќања да бидат завршени. Исто така многу важно е тоа што составен дел од постапката се авионските листи, како и листите за прием на гости во хотелите кои мора да се совпаднат со авионските листи, исто така и издадените фактури за истите гости, плаќањето на истите, но и потврда од ТАВ аеродроми дека се подмирени трошоците за аеродромски услуги и дека летовите се реализирани. Јас мислам дека простор за манипулација со ваква обемна документација нема.-вели Танески.
Согласно закон, субвенции се исплаќаат на секој туроператор или агенција, кои се организатори на патување, односно изготвиле програма, ги продале аранжманите и кои донеле гости во Македонија каде тие оствариле најмалку три ноќевања со појадок. Субвенцијата за земјите во Бенелукс изнесува 65 евра по турист.