Хостели и пансиони кои не се категоризирани се нудат преку интернет-портали, што создава простор за нефер пазарен натпревар

Македонските хотелиери бараат субвенции, намалување на данокот на додадена вредност на храната во угостителските објекти од 18 на 5 отсто и измена на Правилникот за нивна категоризација. Тие, вчера, преку Стопанската комора на Македонија се пожалија на нелојална конкуренција која преку интернет-порталите за букирање им ја создавале хостели и пансиони кои не се категоризирани, пренесува „Утрински“.

Туристичките работници се оптимисти дека годинава ќе биде подобра од лани, иако проблемите во секторот се’ уште не се решени. Минатата година Македонија ја посетиле 816.000 туристи од странство, што е пораст за речиси 11 проценти во однос на претходната година. Според статистичките податоци, најбројни биле гостите од соседните земји, Грција, Србија и Бугарија, како и од Турција и од Холандија. Растот на бројот на странски туристи се поврзува и со субвенциите за странските туроператори, кои за шест години добиле 10 милиони евра.

„Под притисок на зголемениот обем на странски гости, се бара од хотелските капацитети да ги симнуваат цените на многу ниско ниво, а понудата на порталот Букинг.ком е масовна, иако повеќето хотелски објекти, хостели, пансиони изложени таму немаат добиено категоризација во согласност со документите дефинирани во Министерството за економија, што создава простор за нелојална конкуренција“, рече Даниела Василевска-Михајловска од Стопанската комора.

Таа истакна дека минатата година покажа дека девизниот прилив е намален во однос на 2014 година за околу 25 отсто, за разлика од периодот од 2010 до 2014, кога порастот на бројот туристи го следел и раст на девизниот прилив. Намалување бележи и бројот на домашни гости, додека пак прометот од пијалаци и храна е зголемен, за разлика од прометот од бројот на ноќевања, кој опаѓа.

„Поради намалениот број на домашни туристи и ниските цени, капацитетите се на раб на рентабилност, што би значело неможност за инвестирање и подобрување на понудата. Овие прашања треба да бидат сериозно разгледани, ги доставивме до надлежните институции пред повеќе од шест месеци, но одговор се’ уште нема“, нагласи Василевска-Михајловска.

Заменик-претседателот на Здружението на угостителство и туризам, Славе Сирачевски, вели дека Македонија има многу поголем потенцијал од она што моментно го остварува како девизен прилив од туризмот.

„Околу 100 до 150 милиони евра приход е многу мала бројка, ако се земе предвид дека Црна Гора остварува 2,5 милијарди или Хрватска над 7 милијарди евра“, смета Сирачевски. Тој посочи дека за туристите од Далечниот Исток, туристичките работници од регионот треба да соработуваат и да понудат заеднички проекти, бидејќи овие гости не сакаат да ја видат само Македонија, туку патуваат во целиот регион.

OhridNews
извор: „„Утрински“