Наскоро ќе биде спроведена нова категоризација на хотелите во Македонија според таканаречениот француски модел, кој предвидува построги критериуми, што според надлежните ќе придонесе за зголемување на квалитетот на туристичката понуда.
– Согласно новиот Правилник за категоризација на хотели од пред два месеци изготвен со построги критериуми и според францускиот модел, очекуваме од 1 јануари сите хотели што треба да се категоризираат да го направат тоа, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.
Тој најави дека државата следната година ќе издвои дополнителни 2,5 милиони евра за промоција на туризмот во Македонија, посочувајќи дека мерките кои ги презема во оваа насока државата даваат резултати.
Минатата година во однос на 2010 година бројот на туристите е зголемен за 10,5 проценти, а ноќевањата за 7,6 проценти. Туристичкиот нето-девизен прилив, потсети Сарачини, во 2011 година споредено со 2010 забележа раст за 21 процент и изнесуваше 240 милиони долари. Во првата половина од годината во однос на истиот период лани статистиката евидентирала раст на бројот на туристите за 7,8 проценти, од кои кај странските за 10,9, а кај домашните за 3,2 проценти. Во тој период кај домашните туристи се бележи зголемување за 0,9 проценти, а кај странските за 10 проценти, подвлече Сарачини.
Министерот за економија најави дека државата ќе направи максимални заложби граѓаните што беа оштетени од туристичката агенција „Летс травел“ да бидат целосно или барем делумно обесштетени, како и дека се преземаат мерки да не се повторат такви случаи.