Некогаш најубавиот хотел на охридската ривиера, „Палас“, кој поради нерешени сопственички и имотно правни односи не работи веќе 15 години, ќе се реконструира и рестартира, но нема да биде подготвен за оваа туристичка сезона. Компанијата „Охрид Турист“ која стопанисува со хотелот кој е прогласен за заштитено културно добро од најниска категорија, поднела барање до Управата за заштита на културното наследство за заштитно конзерваторски услови за реконструкција на објектот, кои веќе се пропишани од Заводот и Музеј Охрид. Освен тоа што хотелот треба да го задржи автентичниот надворешен изглед, нема никакви други ограничувања „Палас“ да стане модерен сместувачки капацитет од највисока категорија.
-Треба да се запази постојниот надворешен изглед со дозволени санациони и козерваторски активности, полирање на фасада, замена на столарија, исто така е дозволено онаа несоодветна фасада која е најново изградена на ресторанскиот дел да се адаптира на постоечката архитектура на хотелот. Дозволени се сите интервенции внатрешно хотелот „Палас“ да прерасне во модерен хотел, дури дозволени се и отворени базени, голф терени и игралишта. – вели Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и Музеј Охрид.
И локалната самоуправа се залага хотелот „Палас“ кој сега се распаѓа во центарот на градот, да биде рестартиран што поскоро, но тоа нема да се случи за претстојната туристичка сезона, за што наголемо се шпекулираше во јавноста изминатиот период.
-Според најавите на менаџерите тие требаше во текот на оваа година да почнат со реконструкција и да го стават во употреба хотелот. Јас сега во овој момент немам информации дека интензивно се гради хотелот или се уредува внатрешноста на хотелот за да би бил пуштен во употреба, меѓутоа ние стоиме на располагање со сите сили во рамки на нашите можности и ингеренции да помогнеме овој хотел да се рестартира.- изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Хотелот „Палас“ почнал да се гради во 1953 година, а во употреба е пуштен седум години подоцна. Бил еден од најубавите во поранешна Југославија. Три пати го посетил маршалот Тито, а во него престојувале познати светски личности и благородници, меѓу кои данската кралица Маргарета со принцот Хенрих, како и славните уметници и писатели Ростопович, Навара, Третјаков, Шербеџија, Погорелиќ, Десанка Максимовиќ и други. Агонијата на „Палас“ започнува со приватизацијата во деведесеттите години, која се уште ја оспоруваат дел од тогашните вработени. Хотелот е затворен во 2001 година и не работи до денеска.
Г. Момироски














