
Порталот А1-он пренесе изјава на директорот на Агенцијата за индустриски и развојни зони, Виктор Мизо, во која тој негира дека охридскиот хотел „Славија“ е продаден на групацијата „Сахара груп“ на индискиот милијардер Субрата Рој. Тој бил изненаден што ваквата информација протекла од брифингот на новинарите со директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Висар Фида.
– Сите контакти и комуникации со „Сахара груп“ одат преку мене и преку Агенцијата со која што јас раководам. Јас немам такви информации – рекол Мизо за „А1 он“.
Мултимилјардерот од Индија Субрата Рој кој пред неколку месеци беше во посета на земјава, при што поголем дел од времето мина во Охрид, во изјава за индискиот весник “Фајненшл хроникал“, неодамна, истакна дека планира да гради „Лас Вегас“ во Македонија.
Според најавите индиската компанија “Сахара Индија Паривар“ планира да изгради комплекс од казина, хотели и центри за забава. Концпетот на дизајнот за новиот „Лас Вегас“ според најавите треба да и биде предложен на македонската влада во текот на овој месец а структуриниот дизајн на почетокот на следната година.
Каде точно ќе се гради овој комплекс и колку ќе чини целиот проект засега не се открива.












