Она што ќе се случува тука следните неколку денови може да одредат што ќе се случува во следните неколку години во Брисел. Ова е пораката што известувачот за Македонија во Европскиот парламент ја упати по тридневниот престој во земјата и средбите со политичките лидери во Македонија.
Ховит недвосмислено порача дека актуелната политичка ситуација може да го загрози натамошниот напредок на земјата.
„Се надевам дека луѓето ќе го препознаат вистинскиот напредок што го направивме во Брисел. Се надевам дека луѓето ќе разберат дека одлуката на европскиот комесар од минатиот октомври да ја промовира идејата за надминување на спорот со името во раната фаза по почетокот на преговорите и одлуката на Европскиот совет да биде изготвен дополнителен извештај и да добие позитивен одговор за позитивен извештај, преставува значаен напредок.“ – вели Ховит.
Ховит порача дека станува збор за историска можност Македонија да ги отпочне преговорите за членство, посочувајќи дека во ситуација кога следната година во Европската унија е изборна, никој не може да претпостави дека Унијата ќе е во можност да се движи напред на ист начин.
Како една од можните последици од моменталната политичка ситуација, Ховит го посочи и неговото размислување да побара одложување на гласањето за неговата резолуција за Македонија во Европскиот парламент.
„Во моменталните околности се плашам дека гласањето по извештајот може да биде нагативно и, со тешко срце, морам да ви кажам ова утро дека размислувам да го повикам Европскиот парламент да го одложи гласањето за мојот извештај, имајќи ги предвид моменталните околности во земјата.“ – рече Ховит.
Европратеникот порача дека случувањата од 24-ти декември го ставаат под знак прашање демократскиот кредибилитет на земјата, но и дека Европскиот парламент не верува во бојкотот на избори во оваа или во која и да е друга земја.
„Мојата порака е дека ако политичката порака надвладее за надминување на недоразбирањата, сé уште е можно недоразбирањата да бидат надминати. Верувам дека ова може да биде уште една изгубена шанса да се влијае на препораката на Европската комисија во април и на одлуката на Европскиот совет што ќе следува, и жалам ако ова се случи. Но надежта останува дека тоа нема да се случи. И дека политичките партии во земјата ќе најдат начин да ги стават интересите на земјата во преден план.“ – истакна Ховит.
Тој застана зад идејата за формирање Комисија што ќе ги расветли случувањата на 24-ти декември. Како немудро, го оцени менувањето на Деловникот за работа на Собранието во ситуација на отсуство на опозицијата.
Исто така, Ховит го критикуваше и отстранувањето на новинарите од собраниската галерија на денот на носењето на Буџетот и изрази жалење за прекинатиот дијалог меѓу Владата и новинарите.
Британскиот европратеник порача и дека не постои некој друг освен него надвор од Македонија што работи толку посветено на европската иднина на земјата.
„Но оние однадвор не може да ја посакуваат интеграцијата на вашата земја во ЕУ повеќе од вие самите.“ -порача Ховит.
OhridNews
извор: „Макфакс“