Синоќешниот концерт на гудачкиот квартет при Државниот камерен оркестар „Жилина“ од Словачката Република, уште еднаш ја потврди оправданоста на годинешното мото на фестивалот „Охридско лето“ дека „Уметноста трансформира – Уметноста е љубов“.

Концертот долго ќе се памети заради врвната интерпретација на Моцартовиот гудачки квартет бр.15, но и на дела од словачките композитори Јан Левослав Бела, Иља Зељенка и Еуген Сухон. Привлечната и убаво селектирана програма се одржа во рамки на Словачката вечер на „Охридско лето“ која се организира со поддршка на Амбасадата на Словачка Република во земјава.

Фестивалот „Охридско лето“ е многу повеќе од една вечер за нас . Тој е жив тестамент за моќта на културата која ги дефинира луѓето, нациите и генерациите. Фестивалот е место каде што се среќаваат различни уметнички традиции, нагласи амбасадорката Хрицова.
Гудачкиот квартет на Државниот камерен оркестар „Жилина“ (ШКО Жилина) е основан во 2024 година и оттогаш настапил на бројни концерти и значајни општествени настани, успешно претставувајќи висок уметнички квалитет и интересна драматургија, како во Словачка, така и во странство.

OhridNews












