Христијан Мицковски е избран за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, на местото на Никола Груевски, пренесува „Макфакс“. 

Од вкупно 438 делегати на денешниот вонреден Конгрес гласале 428. Неважечки биле 52 ливчиња, а 376 гласале за Мицкоски.

„Мојот политички притивник е СДСМ, а не поединци во ВМРО-ДПМНЕ. Ќе работам на решавање на проблемите со дијалог, но нема јавно да прозивам и внатрешната дебата да се претвори во театар кој ќе оди во прилог на нашиот противник“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека ќе се труди да наметне сосема нов начин на функционирање. „Нема да ве разочарам, ви ветувам дека тоа ќе го сторам. Да ја направиме нашата партија повторно најсилна во државата која гордо ќе ја предводи Македонија во подобра иднина“, им се обрати Мицкоски на делегатите.

Додаде дека е потребно обединување на силите. „Каде што има обединување таму е победата. Ние сме тие, ВМРО-ДПМНЕ е шансата која се бара и е потребна на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, новото утро се раѓа, новото утре кое ќе донесе нова надеж за граѓаните на Р. Македонија“, рече Мицкоски.

Новиот партиски лидер рече дека различните мислења само го потврдуваат демократскиот капацитет на партијата.

OhridNews
извор „Макфакс“