Македонската фудбалска репрезентација со победа се прости од своите навивачи во овој циклус квалификации за пласман на Европското првенство, откако вечерва во Скопје ја совлада Хрватска со 2:0.

Стрелци на головите беа Мазнов и Наумоски во второто полувреме. Победата е дотолку поголема поради фактот што е постигната над противник кој обезбеди пласман на ЕП и на кого ова му е прв пораз во овие квалификации.

Македонските репрезентативци во натпреварот кој се играше во вонредно тешки услови на раскопаниот Градски стадион во Скопје, влегоа со многу жар, желба и залагање, што на крај им се исплатеше. Со победата тие ги симнаа сите сомнежи за некакви заткулисни игри кои се чини неоправдано кружеа во јавноста, и ја спасија честа на македонскиот фудбал и спорт воопшто.

До крајот на квалификациите Македонија останува да го одигра уште натпреварот со Израел на гости во среда во Тел Авив, кој нема никакво резултатско значење затоа што домаќинот на крај ќе биде четврти а ние петти во квалификациите.

Израел исто така вечерва приреди големо изненадување совладувајќи ја Русија дома со 2:1 со што и овозможи на Англија со евентуален нерешен резултат или победа над Хрватска во среда на Вембли да обезбеди пласман на ЕП.

На Македонија сега и преостанува да ги чека противниците во новиот циклус квалификации за пласман на СП, а победата над Хрватска и новата генерација најавуваат можеби и подобри резултати во иднина.

Браво дечки !

Г. Момироски