Доказ дека злите духови од минатото на овие балкански простори живеат и во сегашноста се два случаи поврзани со настаните во Втората светска војна. Еден во Охрид, кршењето на спомен плочата од НОБ, настан кој сигурно нема да крене светско внимание како оној во Хрватска, кога во Госпиќ низ некои угостителски објекти се појавиле „шеќерчиња“ со лик на Хитлер. И не само лик туку и текст, односно антисемитски вицеви.

Хитлер: „Дојдете Евреи да ви пуштам плоча“

Евреи: „Која?“


Хитлер: „Бетонска“!!!


Ваквите „шеги“ ја ставија Хрватска на насловниците и шпиците на сите познати светски медиуми, посебно во САД каде е позната силината на еврејското лоби. Од Центарот за борба против нацизмот „Симон Визентал“ во Ерусалим, изразуваат „гадење спрема таквиот чин, посебно заради тоа што се случува во земја во која нацистичките колаборационисти активно спроведувале Холокауст.“


Светските Reuters и CNN јавуваат дека за производство на спорните пакетчиња е одговорна  фабрика од Пожега со чудно име – „Пинки“. Од овие медиумски куќи постојано нагласуваат дека усташкиот режим соработувал со нацистите, и дека многу Срби, Роми и антифашисти се погубени во логори на смртта.

Во израелските медиуми се пишува меѓу другото и дека „за време на владеењето на Фрањо Туѓман, од 1991 до 1999, некои усташки симболи биле толерирани што довело до заострување на односите меѓу Хрватска и Израел. Подоцните хрватски влади јавно се извиниле за злоделата.“ – пишува Haaretz, најугледниот израелски весник.

Во Германија и Австрија, користење и прикажување на нацистички форми и симболи е строго забрането.  Пред извесно време еден полицаец беше суспендиран и спрема него е поднесена кривична пријава само заради тоа што вмарширал во полициската станица и колегите ги „поздравил“ со  „хајл хитлер“ и високо крената рака.
 
По ваквиот притисок, хрватската полиција спроведува истрага со која би се пронашле одговорните за оваа несолена (шеќерна) „шега“.

Спаско Костоски