Охрид- Од денеска до 12. ноември, во работна посета на нашата земја, ќе престојува студиска група истакнати хрватски новинари – уредници од влијателни медиуми, кои ќе ги посетат Вевчани, Струга, Охрид и Скопје, како и винаријата “Стоби”. Ќе имаат средби со градоначалници, културни работници, хотелиери, претставници на локални самоуправи, потоа со хрватскиот амбасадор Златко Крамариќ, со членови од Заедницата на Хрватите во Република Македонија, како и професионална работилница во редакцијата на “Нова Македонија”. 

Вечерва и утре претпладне колегите од Хрватска ќе бидат гости на градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски.Тие ќе бидат запознати со интензивните зафати на локалната самоуправа, кои значат нови содржини во туристичката понуда и сеопфатна преобразба на Вевчани. Ќе ги разгледаат Паркот и легендарните “Вевчански извори”, “Куќата на Михајло Пупин” и други атрактивни места.

Утре, рано претпладне во Струга ќе го посетат “Спомен домот на Браќата Миладинови”, каде имаат средба со директорот на “Струшките вечери на поезијата”, Мите Стефаноски и со писателот и главен и одговорен уредник на часописот “Бранувања” Петко Шипинкароски.

Во Охрид, хрватските новинари се гости на градоначалникот Никола Бакрачески. Во текот на утрешниот ден, ќе ги разгледаат најзначајните споменици на македонска историја и култура во старото градско јадро, ќе се сретнат со свои колеги од Охрид, со директорката на фестивалот “Охридско Лето” Елизабета Јанкуловска, како и со првите луге од мешовитиот македонско-албански Комитет за заштита на Охридското Езеро Дејан Паноски, односно Аријан Мероли. Во елитниот хотел “Инекс-Горица” каде ќе бидат сместени, ќе имаат работен ручелк со претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска. Вечерта ќе имаат средба и работна вечера со првиот човек на ХОТАМ, Дончо Танески.

Непосредно пред тргнувањето на новинарите од Загреб, за нивната посета на Македонија и очекуваните ефекти, беа запознати, мегу другите, актуелниот претседател на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ и поранешниот шеф на државата Степан Месиќ. Двајцата државници, ја реафирмирале идејата на Месиќ, од пред скоро една деценија, за збратимување на Дубровник и Охрид, градот во кој тогашниот шеф на хрватската држава, ја изнесе официјално и искажа лична подготвеност за нејзино исполнување. Степан Месиќ, во посета на Охрид беше и пред неколку месеци, кога се сретна со градоначалникот Никола Бакрачески. Месиќ изрази надеж дека конечно ќе дојде до реализација на неговата иницијатива за Охрид и Дубровник да станат и формално Градови пријатели.

Актуелниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, кој претходно беше во официјална посета на Република Македонија, по повод патувањето на хрватските новинари во нашата земја, до организаторите испратил и лична порака, во која го поздравува гостувањето во Македонија, во функција на културното и медиумско доближување.

Културните и цивилизациски врски помегу Охрид и Дубровник, датираат од пред многу векови, уште од времето кога диецезата на славната Охридска архиепископија се допираше со католицизмот во Далмација. Пред 152 години бискупот Јосип Јурај Штросмаер го печатеше Зборникот на народни песни од стружаните, браќата Миладинови, а пред 74 години, исто така во Хрватска, е печатена поетската збирка “Бели Мугри” на таткото на македонската современа поезија, Коста Солев-Рацин. Двајца истакнати хрватски литературни дејци, Мирослав Крлежа и Славко Михалиќ, се носители на највисокото поетско признание – “Златниот венец на поезијата” на СВП.

Фестивалот “Охридско Лето” и “Дубровничките летни игри”, низ целото свое децениско постоење, остваруваат плодна и континуирана соработка, со размена на програми, подготовка на заеднички проекти и слично. Оваа година ,фестивалот во Охрид, на 20 август, своето свечено затворање го имаше со настапот на дубровничкиот театар “Марин Држиќ” и пиесата “Браќа Карамазови”, во режија на младиот македонски режисер Дејан Пројковски.

OhridNews