Државата му ја одзеде концесијата за Охридското езеро на досегашниот концесионер, фирмата „Летница- Белвица“. Одлуката за одземање на концесијата е донесена на синоќешната седница на владата, а причина се утврдените нерегуларности, од надлежните институции, во работењето на досегашниот концесионер, информираше денеска на прес конференција во Охрид, министерот за земјоделство, шумaрство и водостопанство, Трајан Димковски.

  • По низата реакции од граѓани, медиуми и рибарите, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во декември минатата година, побара од државниот инспекторат по земјоделство и од Агенцијата за храна и ветеринарство да направат вонредни инспекциски надзори со цел да се утврди дали концесионерот го почитува договорот за концесија. Во записникот од државниот инспекторат е утврдено дека концесионерот не вршел навремена и целосна физичка заштита на рибите од риболовното подрачје во Охридското езеро што е спротивно на договорот за концесија. Во записникот се утврдени нерегуларности и во делот на пријавување на вработените и постапките за вработувања кои концесионерот ги спроведувал, спротивно на законот за рибарство и аквакултура. Концесионерот не водел точна и навремена евиденција на уловената риба согласно законот, што исто е спротивно на договорот за концесија, рече Димковски.

Министерот додаде дека во декември 2019, министерството добило допис и од МВР регионалниот центар за гранични работи Запад Охрид во кој било посочено дека постои отсуство на преземени активности од концесионерот, во делот на контролите за откривање и спречување криминал. Врз основ на дописот, веднаш следеле вонредни инспекциски контроли на терен.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ, посочи дека при вонредните контроли биле откриени бројни неправилности во работењето на концесионерот, меѓу кои и неправилности во однос на испловувањето, фрлање на мрежи, заплена на мрежи, обележување.

  • Се вршеа и контроли на угостителски објекти при што дневно беа запленувани по 50 килограми риба. Во идниот период дополнителните контроли продолжуваат, а за затекнатите состојби тековно се информираат и министерството и владата, изјави Шапуриќ.

Рибарите кои во неколку наврати алармираа за незаконското работење на концесионерот, велат дека изминатите два месеца од страна на концесионерот постојано се вршел риболов. Во однос на вештачкиот мрест, како што велат, е голем криминал.

  • Вештачкиот мрест е пералница на пари. Тоа е договор меѓу неколку луѓе, се договараат и кога од икрата ќе се формираат мали рипчиња тие ги продаваат за вештачките езера. Не ги фрлаат сите во езеро, ги продаваат за висока цена. Невиден криминал, за среќа годинава не се врши вештачкиот мрест, вели Даниел Пејоски, рибар од селото Радожда.

Откако ќе заврши постапката за раскинување на концесијата, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе објави јавен повик за доделување на нова концесија. Во меѓувреме, до владата, ќе се достави барање за формирање координативно тело составено од лица од клучните министерства со цел во овој меѓупериод, максимално да се заштити рибниот фонд во езерото.

OhridNews