Во уникатниот амбиент на ресторанот „Виа Игнација“, под отворено небо во живописното Вевчани, синоќа свечено беше отворено 14-то издание на Меѓународната ликовната колонија „Вевчански видувања“.
Од 21 јуни до 1 јули, Вевчани ќе биде домаќин на 22 уметници од Македонија, Србија, Словенија, Грција, Велика Британија, САД и Франција кои ќе творат и ќе создаваат дела коишто ќе испишуваат историја, изјави Ефимија Угриновска Кукоска, организатор на колонијата.
Учесниците на колонијата во Вевчачи се одушевени од можноста да творат во место опкружено со природа која инспирира.
- Особено ме одушевува местоположбата на Вевчани помеѓу езерото и планината, вели амеркинаската ликовна уметничка Далас Адвент, која по втор пат учествува на колонијата.
- Веќе добив инспирација што ќе сликам во Вевчани, истакна уметникот од Словенија Милош Декиќ, кој прв пат учествува на колонијата.
Колонијата беше отворена со аукција на три ликовни дела насликани од учесници на колонијата „Вевчански Видувања“. Сите средства од аукцијата, како и донациите кои беа собрани на свеченото отворање, ќе бидат уплатени на сметка на Црвениот крст на Македонија и ќе бидат донирани за поддршка на повредените од пожарот во Кочани.
Отворањето на колонијата „Вевчански видувања“ мина во знак на квалитетната домашна авторска музика и концертот на извонредниот македонски бенд „Нокаут“ и Брејк кои одушевија со извонредниот настап.
Во рамки на колонијата, која годинава се одржува под мотото: „Уметност. Солидарност. Заедништво“, ќе се реализира и посебен проект за млади таленти во соработка со Шпаркасе банка, како дел од нивната платформа „Шпаркасе Лајф“, која преку уметноста ги поврзува образованието, солидарноста и општествената одговорност.
Во изминатите 14 години, „Вевчански видувања“ израсна во еминентната ликовна колонија. Низ неа поминале повеќе од 200 афирмирани сликари од сите светски меридијани, чија инспирација произлегла токму од духовноста и природната убавина на Вевчани. Делата создадени на колонијата биле изложени на бројни континенти – од европските културни центри како Софија, Белград и Подгорица до далечни изложбени простори во САД-Њујорк , Франција-Париз и Русија-Москва , претставувајќи ја уметноста како универзален јазик на поврзување меѓу луѓето и народите.
Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Г.М.