Здружението „Во твоја слава“ од Охрид во рамки на своите активности за грижа и помош на лица од ранливите категории и социјално загрозени семејства, обезбеди средства за материјална помош за 40 граѓани на Охрид и околината. Станува збор за вредносни бонови што примателите на помошта, зависно своите потреби и приоритети, ќе ги реализираат  од 9-ти до 1-ти мај, во централната продавница на „Стоп-Шоп“, кај основното музичко училиште „Методи Патче“.

Средствата за оваа активност се обезбедени по пат на донации на членството на Здружението, а во акцијата свој придонес даде и фирмата „Карат“ односно синџирот маркети „Стоп-Шоп“ со дополнителна помош. Изборот на лицата на кои им се доделени вредносните ваучери Здружението „Во твоја слава“ го направи во координација со Јавната установа „Меѓуопштински центар за социјална работа“, со цел помошта да ја добијат оние семејства на кои им е најпотребна.

Здружението „Во твоја слава“ е формирано во ноември 2014 година. Во дел од својата програма предвидува активности насочени кон промоција на хуманоста и во рамки на можностите им помага на граѓаните од регионот и пошироко. Интенција на активистите од „Во твоја слава“ е оваа акција да се реализира секоја година, а слични проекти со хуманитарна назнака да се реализираат и во иднина во најразлични форми.

За време на подготовките на активностите за донацијата беше потпишан МЕМОРАНДУМ од страна на Здружението „Во твоја слава“ и Јавната установа „Меѓуопштински центар за социјална работа“. При тоа беше потврдена заедничката цел да се промовира човечноста и несебично да се помагаат граѓаните.

Денеска и општина Охрид во соработка со Црвен Крст – Охрид, додели 40 пакети со прехранбени производи и средства за хигиена на социјално-загрозени семејства од Охрид. Пакетите ги додели заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.

Денешниот настан е продолжување на хуманитарната акција што по повод неделата на солидарност и  Велигденските празници  на крајот од месец април ја организираа општина Охрид и Црвен Крст.

OhridNews