Хуманитарен концерт “Во потрага по изгубените насмевки” ќе се одржи во понеделник, 10-ти април во Центарот за култура „Григор Прличев“. Концертот е во организација на волонтерите на ЦКА-ПХВ програмата при Црвен крст.
На концертот учество ќе земат повеќе талентирани млади од Охрид а дополнително за убавата атмосфера ќе се погрижат Студиото за танц “Соната” и стенд-ап комичарот Никола Тодороски.
Собраните средства од хуманитарниот концерт (влезница чини 50 денари) ќе бидат наменети за да се помогне на самохрана мајка од Охрид со две малолетни деца.
Програмата Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) претставува национална алатка на Црвениот крст на Македонија и истата се имплементира во сите општински организации. На годишно ниво обучува 1200 младинци кои добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, за културата како систем на вредности но добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во која живеат, користејќи ги сопствените капацитети при изработка на проектите и при давање на помош на ранливото население.
OhridNews












