Оваа сабота, 27 декември 2025, со почеток од 11:00 до 16:00 часот, плажата Сараиште ќе се претвори во топол новогодишен простор исполнет со музика, рачни изработки и хуманост, во рамки на Хуманитарниот новогодишен базар „Вино и Винил volume IV“.

Настанот е целосно хуманитарен – сите учесници се вклучени доброволно, а сите собрани средства ќе бидат наменети за акцијата „Пакетчиња за сите дечиња“, со цел празниците да донесат радост и кај оние на кои им е најпотребна, информираат организаторите „Културолошка Иницијатива 5 до 12“.

Посетителите, посочуваат, ќе имаат можност да прошетаат низ новогодишно украсени штандови со уникатни рачни изработки од локални занаетчии и мали бизниси, меѓу кои се: Crafts Ukiyo, Copper Art, Lumos Glow Candles, Плетени приказни, Crochet by Bojana, BRILLO, Свеќичка, Dijana Handmade, Simplycated_, Kreema.woods, Boketto, Marinov Design, Bache Handmade, Art with Love, Home Scent и Blue Illustrate.

Покрај празничната атмосфера, посетителите ќе можат да уживаат и во греено вино и топол чај, подготвени и донирани од „Кадмо Бар“, како и во вино донирано од „Пе Логистик“, додека Дестилерија „Царева“ ќе придонесе со своја уникатна ракија.

За гастрономскиот дел ќе се погрижат Пицерија Escobar, која на лице место ќе подготвува пици, како и Пекара Феникс, со донација од нивните благи кроасани. Целата храна и пијалoци на настанот се донации, а средствата одат исклучиво за хуманитарната цел.

Посебен белег на базарот, велат, ќе даде и музиката пуштена исклучиво од винил плочи, со селекции од DJ Vancho Play, Tome Rootboy, Dostin, Martino & Marty, Leo & Zupan, кои ќе се погрижат за топла, ретро и празнична атмосфера покрај езерото.

Настанот е логистички поддржан од Црвен крст Охрид, Планинската спасителна служба, Jazz Inn и ЈП „Градски Пазар“ Охрид, а истиот се реализира во рамки на културната програма на „Културолошка Иницијатива 5 до 12“, која е поддржана од Општина Охрид.

„Вино и Винил“ на Сараиште е покана за сите генерации – да се поддржи локалната креативна сцена, да се ужива во новогодишен амбиент и, најважно, заеднички да се направи добро дело, додаваат од „Културолошка Иницијатива 5 до 12“.

Настанот се одржува оваа сабота, 27.12.2025, на плажата Сараиште, од 11:00 до 16:00 часот.

OhridNews