И оваа година, Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид заедно во соработка со професорот Дарко Цветкоски повторно ја организираат хуманитарната акција „Подари компјутер“.

Акцијата „Подари компјутер“ e со цел собирање стари компјутери и лаптопи кои не се во активна употреба, но се функционални или можат лесно да се оспособат.

Акцијата има за цел да им помогне на ученици и семејства од социјално ранливи категории, кои немаат соодветен пристап до компјутерска опрема неопходна за образование и секојдневно учење. Во современото општество, пристапот до компјутер и дигитални алатки е од клучно значење за рамноправно учество во образовниот процес. За жал, дел од учениците и понатаму се соочуваат со дигитална нееднаквост, што директно влијае врз нивниот успех и можности за развој. Токму затоа, преку оваа хуманитарна иницијатива, сакаме да поттикнеме солидарност и општествена одговорност кај граѓаните и институциите, велат од Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Упатуваат повик до сите заинтересирани граѓани, компании и организации да се приклучат на акцијата и да донираат стари компјутери, лаптопи, монитори, тастатури и друга придружна ИТ опрема која не ја користат.

По потреба, дел од опремата ќе биде технички проверена и подготвена за употреба, а потоа донирана на оние на кои им е најпотребна. Со оваа акција, наместо неискористената опрема да остане заборавена, ѝ даваме нова вредност и нова намена – поддршка на образованието и иднината на младите. „Подари компјутер“ е повик за заедничка акција, со која покажуваме дека мал гест може да направи голема промена, потенцираат од Младинската заедница.

Инаку, акцијата започна во 2022 година и успшено се реализираше изминатите години. Во последната акција над 50-тина лица добија компјутери, таблети и мобилни телефони.

OhridNews