Триесет пакети со прехрамбени производи денес беа доделени на семејства во социјален ризик од Охрид и Дебрца.
Како израз на висока општествена одговорност и хуманост, традиционално, втора година по ред членовите на ОСМТГ Командерија Св.Наум Охридски-Охрид во соработка со Црвен крст Охрид подаваат рака на социјално загрозени семејства во пресрет на Велигденските празници, вели Елена Ристеска.
Станува збор за пакети со основни прехрамбени продукти и она со што се одбележуваат Велигденските празници, јајца, млечни производи, масло, шеќер, сол…Семејствата се одредуваат во соработка со Црвен крст Охрид. Ова сакаме да прерасне во една традиција. Ги повикуваме сите граѓани, фирми, организации да се вклучат во вакви хуманитарни акции, особено во едни вакви тешки периоди, вели Ристеска.
Ранко Раткушиноски од ОО Црвен крст Охрид вели, за жал, бројот на социјални случаи континуирано е во пораст, а потребата на луѓето е различна и се менува со текот на времето.
Во овој момент како Црвен крст во нашата база на податоци евидентирани се над 600 семејства и поединци кои припаѓаат на ранливата категорија на кои им е потребна континуирано помош, без разлика дали е во прехрамбени пакети, хигиенски пакети, облека или друг вид на помош. Како Црвен крст секојдневно ги опслужуваме граѓаните кои доаѓаат и бараат помош во рамки на нашите можности во однос на храна со која располагаме, облека, хигиенски средства. Има потреба и од лекови и медицински услуги. Луѓето кои спаѓаат во оваа категорија имаат различни потреби, потенцира.
Во последните неколку години, додава Раткушиноски, посебно по коронакризата се соочиле со намален број на хуманитарни пакети, но сепак, вели, постојат хумани граѓани и хуманитарни компании и организации, кои сепак донираат за социјално загрозените семејства.
Апелирам до сите хумани граѓани, како поединци, но и до организациите кои се во можност да помогнат со хуманитарна помош за социјално загрозените и ранливи категории. Моментално сме отворени за сите кои имаат можност да донираат во рамките на можностите и сепак истата помош да е соодветна за потребите на луѓето, додава Раткушиноски.
Н.С.Ј.