Група стружанки, жени со хумано срце, викендов го посетија првото македонско СОС Детско село во Македонија и на децата кои се згрижени во него ги изненадија со голем број подароци. Пакети со храна, облека, играчки- се само дел од донацијата која тие ја собраа со помош на голем број хумани луѓе од Струга, кои безрезервно ја подржаа акцијата.


Не може со зборови да се опише чувството кога ги видовме децата кои се радуваа на секој од подароците, при тоа изненадени што сме се сетиле да ги посетиме без поголем повод како што тоа вообичаено се случува, кога најчесто им пристигнуваат донации за време на празници, велат организаторите на хуманитарната акција.


СОС Детско село во скопската населба Ченто функционира од мај 2002 година,  кога  е направен приемот на првото дете. Селото има 12 семејни куќи и пет дополнителни објекти. Може да згрижи 84 деца без родители и родителска грижа, по седум во секое семејство. Во моментов во селото се згрижени 69 деца на возраст од две до петнаесет години, за кои се грижат 12 СОС мајки.

Децата во СОС Детското село остануваат до навршување на 14 или 15 години и две години претходно се подготвуваат да заминат во Младинска заедница. Во Младинската куќа работат 5 едукатури  и тие  им даваат подршка на децата во нивните секојдневни потреби, ги учат на животни вештини, работат на нивно професионално оформување, односно ги поддржуваат и насочуваат децата во професионалната ориентација.

Исто така, децата во рамките на СОС ДЕТСКО СЕЛО се поддржуваат и по осумнаесеттата година во рамките на  Програмата за полунезависно живеење. Посебен акцент во рамките на оваа програма се дава на помош при вработување и вдомување на младинците, со цел да се обезбедат стабилност и услови за рамноправно интегрирање во заедницата.

Ohridnews