Иницијативата „Подари компјутер“ продолжува и во новата 2026 година со поголем обем и со огромна поддршка од сите наставници и ученици од охридската Гимназијата. Целта на истата е да се соберат стари компјутери и лаптопи кои не се во активна употреба, но се функционални или можат лесно да се оспособат и истите потоа да се подарат на ученици и семејства од социјално ранливи категории, кои немаат соодветен пристап до компјутерска опрема неопходна за образование и секојдневно учење.

Интересот е се поголем и од учениците, колегите, фирмите и физичките лица. Претходно, дониравме само за Новата година и до почетокот на вториот месец веќе се беше донирано, додека во текот на целата 2025 година бевме активни и дониравме над 50 лаптопи, персонални компјутери, таблети, мобилни телефони и пропратна ИТ опрема. Предновогодишно имаме веќе собрано повеќе од 50 уреди. Има уште многу уреди кои не успеавме да ги подигнеме и истите ќе останат за после Божикните празници, вели професорот Цветкоски.
Посочува дека имаат соработка со основните училишта од каде добиваат информации од одделенските раководители дали има ученици кои имаат потреба од ИТ опрема, како и со Црвен крст Охрид.
Најбитно од се што учениците се вклучуваат и истото го прават посветено, со љубов и се среќаваат со чувството што значи да се биде хуман и да се донира. Радоста ја осеќаат кога ќе ги видат насмеаните лица на тие на кои им донирале компјутер, додава Цветкоски.
Инаку, акцијата започна во 2022 година и успшено се реализираше изминатите години.
Н.С.Ј.















