Фудбалската школа Охрид Топ Тим ја продлабочи соработката со хуманитарната организација „Boots for Balkans“ од Австралија која донира нови и стари обувки за фудбал, откако дел од членовите беа специјални гости на тренингот од охридската екипа која го одржа во спортско рекреативниот центар „Климент Колески“.


„Boots for Balkans“, донираше десет пара копачки за фудбалерчињата во охридската школа која функцинионира две и пол години. Ова беше втора посета на австралиската хуманитарна организација на Охрид Топ Тим, а соработката се случила спонтано.


– Соработката со „Boots for Balkans“ дојде случајно односно спонтано. Ние како клуб имаме официјална интернет страница на која ги објавуваме сите наши активности, сега нашите пријатели не следеле одреден период и одлучиле да стапат во контакт со нас. Секогаш ние сме отворени за соработката, особено за ваква кога е со хуминитарен карактер. Фудбалските обувки ќе бидат доделени на дечињата во нашата школа кои имаат нужна потреба од опрема. – изјави Наум Јанкуловски од фудбалската школа Охрид Топ Тим.


Хуманитарната организација „Boots for Balkans“ беспрекорно работи осум месеци, а обувки за фудбал донираше во повеќе градови во Македонија и во хрватскиот град, Загреб.


– Нашата хуманитарна мисија ја започнавме во Загреб, донирајќи копачки во СОС детското село. Мисијата во Македонија тргна од Скопје, односно од детскиот дом 11 Октомври каде дониравме обувки. Последниве неколку дена активни бевме во Охрид, а следна наша дестинација ќе биде Битола. Стапивме во конктат односно дониравме обувки во Основното училиште „Св. Климент Охридски“, а планираме тоа да го направиме и со средните училишта во Охрид. – рече првиот човек на организацијата, Јане Цоцески.


Цоцески заедно со Давид Петровски мисијата ќе ја завршат со посета на германскиот клуб Бохум кој се натпреварува во Втората лига по ранг во државата.

– Ќе дадеме се од себе да се договориме со нив и да оствариме соработка, која ќе значи многу за нас како организација и за сите екипи кои партиципираат во Охрид односно Македонија. – надополни Петровски.


Заштитено лице на „Boots for Balkans“ е повремениот македонски репрезентативец, Даниел Георгиевски кој самиот донира обувки во организацијата.


– Задоволни сме како не прифаќаат и како реагираат на нас луѓето. Прво малку се скептици, но кога ќе видат дека сме сериозна организација веднаш прифаќаат да соработуваат со нас. Ние пак, живееме за радоста и насмевката на дечињата кои ни даваат елан и мотив за работа. – заврши Цоцески.

Михаил Постоловски