Фотографијата како уметничка композиција зема се поголем замав во светот. Оваа уметност која се посилно се чувстува и во Охрид, остава илјадници луѓе без здив и зборови. Креативните фотографи, кои на еден уникатен начин ги овековечуваат спонтаните моменти, со своите објективи создаваат ремек дела кои долго ќе се паметат.

Охрид може да се пофали дека ги има едни од најдобрите и најталентирани млади фотографи, чии дела ги пленат срцата на луѓето од целиот свет. Објективот на нашата талентирана сограѓанка Натали Башоска, веќе неколку години креира уметнички дела преточени во вистински сказни.

На почетокот мојата пасија кон снимањето беше некако спонтана, но со тек на време мојот интерес драстично се зголеми. Започнав со обичен дигитален фотоапарат, па преку усовршување на техниката успеав да стигнам на ова ниво. Иако снимањето на видео записи ми е поинтересно, голем дел од времето го поминувам во фотографирање.“ – вели  средношколката Башоска.

Младата Башоска, својата инспирација ја црпи од природните убавини, културното наследство, традициите, облаците, ѕвездите, зајдисонцето и се она што уникатно го нуди нашето поднебје. Три нејзини фотографии, за време на патрониот празник „Св. Климент Охридски“ беа изложени во НУ „Григор Прличев“.

Се обидувам да фотографирам се што е интересно. Постојат повеќе параметри, кои треба да се вклопат за да произлезе добра композиција. Во моментов сакам да ја овековечувам природата, спонтаните моменти и портретите, со цел да увидам што највеќе ми лежи. Опседната сум од зајдисонцата, а облаците се неодминлив дел кои ги обработувам. Се на се, ова наше поднебје нуди нешто, што не може да се види на друго место.“ – истакнува Башоска.

Покрај фотографиите, Натали има изработена повеќе видео записи. На еден начин, таа претставува вистински уметнички амбасадор од земјава, нудејќи ги на едно место убавините од Охрид. Нејзината последна видео „сказна“, изминативе денови беше промовирана на интернет каналот Јутјуб. За потребите на видеото, сликани се десетици илјади фотографии.

Правам видео записи со убавините на природата, но и музички видео клипови со кои учествувам на странски натпревари. Последниот видео запис, „Македонија 2“ започнав да го снимам во септември.  Тој ми е најдраг, во чиј процес вложив голем труд. Сите грешки што ги имав во претходната верзија ги поправив. Тоа е една еволуција, како човекот се развива и спознава нови искуства и знаења. Кога ќе видам добро зајдисонце, без разлика на временски услови излегувам и сликам. За секоја сцена, ми требаат повеќе часови, а поголем дел од времето го поминував во обработката на фотографиите.  За музичките спотови, најчесто имам актери. Последниот музички запис ми е тој за Џон Мајер, кој во моментов е во трка за официјален спот на изведувачот“ – додава Башоска.

Натали е и голем хуманист. Таа беше дел од оранизацијата на детскиот фестивал во Пештани. Исто така, некои од нејзините фотографии се најдоа на календар со пејсажи, наменетет за американскиот пазар. Собраните средства од продажбата ќе бидат донирани за поправка на училиштето во Пештани.

До сега имаше еден ваков фестивал во селото Мешеишта, кој го помагаа доброволци од целиот регион. Од срце учествував во снимањето и режирањето на видеата, со цел да им се помогне на ранливите групи граѓани. Во наредниот период, ќе има уште еден фестивал во Пештани,  кој што исто така ќе го помогнам организациски.“- завршува Натали Башоска.

За во иднина, таа посакува своја самостојна изложба, а со сигурност ќе учествува на натпреварите за најдобри музички спотови. Нејзините фотографии можат да се погледнат на фан страната на фејсбук.

O.T.