Истовремено, од Управата за јавни приходи потенцираат дека адвокатските маркички се резултат на долгогодишните барања на адвокатската заедница за нивно иземање од фискализацијата и дека со Адвокатската маркичка се воведува ефикасен систем за следење на финансиското работење на адвокатите и плаќањето на персоналниот данок од нивна страна. Додаваат дека Управата за јавни приходи е во целост подготвена за имплементација на адвокатските маркички од 1 јануари 2013 година.
– Точно е дека адвокатите го иницираа носењето на законот, како база со цел да се врши одданочување, но не во ваква форма во која е усвоен законот бидејќи тој е неприменлив и пред се на штета на адвокатите.Адвокатската комора на Македонија е во постојан контакт со министерството за финансии и правда со цел да се извршат бараните измени на законот. Доколку барањата од наша страна не се исполнат, на вонредно собрание на адвокатската комора ќе се одлучува за понатамошните чекори, односно за тоа дали ќе се пристапи кон штрајк од страна на адвокатите, вели претседателот на охридската заедница на адвокати, Љупчо Наумовски.
Примената на Законот за адвокатски маркички стапи во сила од 1- ви јануари годинава. Според него, адвокатите кои остваруваат приходи во готово должни се кон секоја исправа или поднесок да приложат адвокатски маркички.
Адвокатската маркичка е инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход за оние приходи кои адвокатите ги остваруваат во готово во случаите кога наградата за дадената правна помош гласи на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
За постапување спротивно на одредбите од Законот за адвокатски маркички предвидени се глоби во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противредност.