Првиот човек на заедничката операција на Интерпол и Меѓународната фудбалска федерација ФИФА за борба против криминалот, Џон Абот, откри дека натпревари се местат во речиси 80 земји, додавајќи дека постоја докази за активност на криминални групи во САД, Кина, Русија, Италија и на Балканот.

„Имаме докази дека организирани криминални групи во САД, Кина, Русија, Италија и на Балканот заработуваат значителни суми местејќи ги натпреварите. Многу спортови се погодени од местењето, но фудбалот е најмногу, а потоа следува крикетот“, изјави Џон Абот на конвенцијата Soccerex Global одржана во средата во Манчестер.

Го откри податокот дека во последните три години меѓу 60 и 80 земји пријавиле наводи за договорени резултати на натпревари.

„Станува збор за глобален проблем. Самото местење на резултатите не е нова појава. Имавме договорена меч меѓу Ливерпул и Манчестер Јунајтед на почетокот од XX век, но сега голем проблем претставува тоа што се вмешаа вистински криминалци“, порача Абот.

Според него, решението лежи во построгите закони, но не и во единствен закон кој би важел за сите земји.

„Би требало да се заострат законите., Меѓутоа, не верувам дека ќе имаме единствен закон кој би важел во сите земји, Државите би требало подобро да соработуваат за да се реши овој проблем“, заклучува Абот.

На конвенцијата излагање имаше и Емануел Медеирос, поранешен извршен директор на Здружението на европските фудбалски лиги (EPFL), кој сега го води Меѓународниот цента за безбедност во спортот, при што откри дека во Европа постои барем еден професионален фудбалски клуб кој го води мафијата.

„Не можам да ви откријам за која лига и за кој клуб станува збор“, изјави Медеирос истакнувајќи дека тоа и не претставува некоја новина во спортскиот свет.

Медеирос, исто така, истакна дека за севкупниот спорт е неопходно будење,м бидејќи „ракот се шири“. „Мораме да се разбудиме додека не биде доцна. Потребна ни е подобра регулатива, ригорозни казни, но и подобра едукација“, изјави Медеирос, додавајќи дека „целите“ на овие групи кои ги лажираат резултатите за манипулации при обложувања стануваат сѐ помлади и помлади фудбалери. „Откривме дури обид да се намести резултат во меч на У-16 репрезентации“.

 

„Макфакс“