Иако нивото на Охридското Езеро веќе четири дена не е променето и е на 24 сантиметри над дозволенота граница, поради опасноста од големи бранови, освен насипите со вреќи, по речиси целата должина на Охридскиот кеј, денес се поставуваа и големи камења, покрај брегот на езерото, во селото Пештани. Камењата се поставуваа со цел да ги спречат големите бранови , да удираат дирекно на патот, со што истиот ќе се заштити од нови поткопувања.
Директорот на МЈП „Проаква“ Бранислав Трпчески денеска беше во Пештани, за да укаже на внимателност при поставувањето на камените насипи, за да не дојде до оштетување на цевководот.
– Ставот на управата на „Проаква“ е при поставувањето на камените насипи да се води сметка големите камени блокови да не се положуваат директно врз цевководот, туку малку понастрана од трасата каде минуват цевките за да не дојде до нивно оштетување, но и за да се остави доволно простор за евентуални интервенции врз водоводната мрежа во иднина, рече Трпчески.
Жителите на оваа туристичка населба до сега го почуствуваа најголемиот проблем, кој го предизвика надојденото езеро. Тие веќе две недели мака мачат со подземните води, кои им ги наполнија подрумите и приземните простории.
-Бројот на куќи кои се поплавени се зголемува. Покрај тоа што беа поплавени оние кои што се поблику до брегот, водата почна да се појавува и во куќите кои се на повисоко. Џабе ја вадиме водата со пумпи, таа повторно надоаѓа и тоа во многу поголема количина. Буквално целото село е над вода, се плашиме влагата да не ги нагризе и темелите од објектите.-се жалат Пештанци.
Покрај државните служби за заштита и спасување, на терен се и екипите на ЈП Охридски Комуналец. Ова препријатие, деновиве ја стави на располагање сета своја механизација и мобилизираше голем дел од своите вработени, со цел да им помогне на жителите од Пештани. Тие секојдневно ги чистат септичките јами од куќите, со цел да не дојде нивно мешање со подземните води и водата од водоводот. Но жителите објаснуваат дека, и покрај тоа што јамите постојано се чистат, за еден ден повторно се полнат со вода, исто како и визбите, на куќите.
-Ваков проблем со септичките јами, немаше да се јави, ако селото имаше канализација и беше навреме приклучено на Колекторот.-коментираат Пештанци.
Во Пештани денеска беше и министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Димоски, кој истакна дека сите расположливи ресурси на државата се ставени во служба на заштита на крајбрежјето.
– Интензивно се анализираат сите можни излезни ситуации и за таа цел веќе имаме воспоставено и соодветна комуникација со локалната самоуправа, мислам дека и тие е добро да за вклучат, така што можам повторно да кажам дека ситуацијата е под контрола односно дека овие напори што ги вложуваме и работите што се изведуваат на терен ќе бидат доволни за да можат да се избегнат какви било несакани последици.. Сакам на овој начин да им влеам сигурност и да ги смирам граѓаните дека навистина ситуацијата е под контрола и не е опасна, рече Димоски.