Кандидатот за градоначалник на  Охрид од НСДП, Ацо Попоски, синоѓа одржа митинг во Лескоец.


На присутните прв им се обрати Гоце Маркоски, истакнат спортски работник од Лескоец, кој е кандидат за советник од тимот на Ацо Попоски. Носителот на листата за советници, Верица Хајба во своето поопширно излагање ја изнесе идејата – водилка која  обединила луѓе со различни способности, со различни професии, со различни животни искуства, но сепак луѓе докажани со својата работа. Воедно ги  престави и кандидатите за советници потенцирајќи уште еднаш дека не се сите партиски луѓе туку луѓе кои единствено ги обединува создавањето на нова иднина, нова перспектива и излез од сегашноста со понудениот концепт на Ацо Попоски.


Кандидатот за градоначалник Ацо Попоски своето обраќање го започна со изнесување на елементите од селското живеење кои му се добро познати, воедно изнесувајќи ги и тешкотиите со кои се соочуваат и жителите на оваа, според него приградска населба. Посебно внимание обрна на суштинските делови од неговата изборна програма, односно на веќе изготвените конкретни проекти, со кои набргу и ова место ќе ги осети придобивките на современото живеење.
„И Лескоец е Охрид, а нашето мото е Охрид без дупки и септички јами, урбанистичко средување на околните населби и чиста и природна околина. Подготвени сме да го дадеме целото наше знаење и искуство во овие проекти.“ Истакна кандидатот за градоначалник Ацо Попоски.


По завршувањето на официјалниот дел, кандидатот за градоначалник и советниците остварија поблиски средби со жителите на ова населено место со што уште еднаш беа анализирани проблемите со кои се соочуваат овие жители, но воедно беа понудени и можните решенија за истите.