Британскиот виртуоз на виолина, Најџел Кенеди, на долгата листа барања доставени до организаторот на фестивалот „Охридско лето“ придодаде уште една. Прес конференцијата што вообичаено се одржува во дневен термин да се одржи навечер во 22 часот.

Организаторот на фестивалот објаснува дека терминот за прес-конференцијата е одреден на барање на уметникот поради тоа што тој  пристигнува рано наутро денеска и веќе има закажано проба.

На Охридско лето до сега продефилирале многу големи ѕвезди, но никогаш официјална прес конференција не се одржала толку доцна навечер, кога најголемиот дел од медиумите практично и не можат да емитуваат извештај за настанот.

Најголемата ѕвезда која што ќе настапи на 51-то издание на фестивалот „Охридско лето“, ќе биде сместен во хотелот „Инекс Горица“. На негово барање ќе му биде отстапен претседателскиот апартман. Освен оваа желба виртуозот на виолина на организаторот на фестивалот му испратил рајдер листа со специфични барања, меѓу кои е собна температура од 21 степен Целзиусов и влажност од 55%. Во апартманот во кој Кенеди ќе престојува треба да биде поставено пијано со висок квалитет. Нагласено е, поради алергии, постелнината за Најџел да биде синтетичка, без пердуви и перници, а во апартманот може да има само зеленило, но не и цвеќиња.

Поради староста на виолината на Кенеди во рајдер листата се наведени и посебни барања за влажност на воздухот во сите соби од апартманот. Што се однесува до кетерингот, во соблекувалната на Кенеди за време на пробите и настапот треба да има: негазирана вода „Евиан“, „Earl Grey“ и зелен чај, печено пиле, суши нигири и свежо овошје. За концертот треба да бидат обезбедени и шампањско „Veuve Clicquot“, локално пиво или пиво „Chech Pilsner“ и квалитетно австралиско црвено вино „Shiraz“.

Концертот на виртуозот Најџел Кенеди ќе се одржи во сабота на 16-ти јули, во предворјето на црквата Света Софија со почеток во 21 часот.

OhridNews