Картонски кутии, најлони, стари железни тезги полни со новогодишни светилки и украси…

И Охрид има свој Божиќен пазар, само што ни малку не наликува на убаво уредените во познатите туристички места во Европа и светот. Што би рекле дел од охриѓани- „Далеку сме ние од светот“!

И покрај апелите кои години наназад ги упатуваат и граѓаните и туристичките работници за поубав новогодишен изглед на плоштадот кај Чинарот, еден од најпосетуваните од страна на туристите, нема слух од страна на надлежните.

Туристичките работници го повторуваат ставот дека Охрид има неколку локации на кои би можело да се направи Божикен пазар, кој би бил атракција и за охриѓани, но секако и гостите кои ги слават новогодишните и божикни празници во Охрид.

– Не станува збор за голема инвестиција, само треба желба и иницијатива. Да се набават неколку дрвени куќарки, каде би се продавале домашно подготвени колачиња, топло вино и ракија, плетени производи- ракавици, шал, капи, потоа украси за елки, честитки. ..Ние сме туристичко место и мора да ги следиме трендовите, а не да поставуваме импровизирани и неугледни тезги. Насекаде во светот, околу овие празници луѓето најголемиот дел од своето слободно време го минуваат токму на овие пазари каде се дружат, купуваат, разгледуваат, велат дел од туристичките работници.


Божиќен пазар во Германија

За набавка на нови современи тезги се и продавачите, кои коментираат дека едвај издржуваат со часови на студот, каде ниту тие, ниту производите кои ги продаваат се заштитени од временските неприлики.

Т.К.