И охридските здравствени работници ќе бидат дел од едукативните обуки за унапредување на хоспиталната култура, што во наредниот период ќе ги спроведува Министерството за здравство.
Според најавите, ќе бидат спроведени околу 20 обуки на целата територија на Република Македонија, со што ќе бидат опфатени 1.000 здравствени работници од различни профили: доктори, медицински сестри, како и останат персонал. Освен во Охрид вакви обуки ќе бидат организирани и во Скопје, Битола, Штип и Велес.
-Се работи за обуки за здравствените работници во јавните здравствени установи, кои го опфаќаат постојно вработениот, нововработениот медицински и административно-технички персонал. Обуките се спроведуваат согласно Протоколот за хоспитална култура, изјави на денешната прес-конференција во Скопје, министерот за здравство Никола Тодоров.
Тој појасни дека едукациите за хоспитална култура ќе почнат со тридневна обука во Скопје, која ќе биде наменета за вработените во скопските здравствени установи, при што се очекува да бидат едуцирани околу 300 учесници.
-Во текот на едукациите за хоспитална култура, особено внимание ќе посветиме на аспектите на ефективна комуникација, развивање комуникациски вештини и идентификување на потребите на пациентите, како и техники за совладување на комуникациските бариери. Предвидени се и предавања кои се фокусираат на аспектот на емпатија во односите со пациентите и нивните блиски, градење односи на меѓусебна доверба и разбирање, значењето на невербалната комуникација и нејзино усогласување со вербалната комуникација, а воедно и целокупна примена на етичкиот кодекс на однесување во комуникацијата со пациентите, потенцира Тодоров.
OhridNews