Изминативе неколку години, грчките плажи и острови со примамливите и евтини понуди се доста атрактивна дестинација, каде македонските граѓани одлучуваат да го поминат својот годишен одмор во текот на летниот период.


Иако деновиве во јавноста излегоа  фотографии на кои јасно се гледаат возила со македонски регистерски таблички кои се мета на грчките националисти, македонците, а во голем број и охриѓани и натаму ќе летуваат кај нашиот јужен сосед. За тоа говорат и податоците на охридските туристички агенции, според кои склучени се бројни аранжмани за грчките одморалишта.

Оваа година за охриѓани најпривлечни се аранжманите за грчките острови Левкада и Закинтос, со поаѓање од Охрид, а покрај овие константен интерес има за туристичките центри на Халкидики. Граѓаните за таму бараат хотелско или апартманско сместување, а патуваат со сопствен превоз.“ – велат од охридските туристички агенции.

Еден дел од младите кои веќе години наназад летуваат кај јужниот сосед, со став дека националистичките „предупредувања“ во Грција се дела на поединци, и дека воопшто нема потреба од мешање на политиката со туризмот.

Со години наназад сме биле одлично угостени од грчките туристички работници и никогаш не сме имале проблем. Тие воопшто не ни прашуваат од каде доаѓаме, туку ги интересира само колку финансии ќе оставиме во нивната земја. Овие грди слики што се случуваат се дела на поединци во определени грчки региони. Но јас лично, немам забележано нешто вакво.“ – вели наша сограѓанка.


Други пак со спротивен став, наведувајќи дека иако младите се желни за предизвици и патувања, сепак понижувањата од јужниот сосед започнуваат на самата грчката граница, што е  апсолутно неприфатливо за македонските граѓани.

Во Грција има екстремисти што се крајно националистички настроени и едвај чекаат да направат некој инцидент , со што сосема ја грдат сликата за тамошниот туризам. Проблемот кај македонските граѓани е што се подготвени да постават лепенки на регистрациите уште од дома, што според мене е срамно и понижувачки. На еден начин треба да се погазиш самиот себе, а на крај финансиските средства да ги оставаш онаму каде што не те почитуваат. Од Македонија, на иста оддалеченост се наоѓа и друго море. Можеби и таму политичките релации не се најдобри, но барем тамошните граѓани не се толку лошо настроени кон нас.“ – вели охриѓанецот Виктор К.


Минатиот месец, пратеникот во македонското собрание од Охрид, Александар Николоски, укажа на социолошкиот феномен дека со финансиското трошење на одмор во туристички центри кај јужниот сосед кој ја негира нашата земја и нација, македонските граѓани ја зајакнуваат грчката економија, за сметка на домашната.

И покрај тоа што Грција упорно го блокира интегрирањето на Македонија во ЕУ, граѓаните на нашата земја своето слободно време и пари ги трошат за одмор во таа земја, што претставува своевиден социолошки феномен. Една проста математика вели дека ако 20.000 Македонци кои што отишле таму потрошат најмалку по 100 евра, а трошат и повеќе, тоа е најмалку 2,5 милиони евра приход за Грција и минус за Македонија, што говори многу само по себе.“ – изјави Николоски во минатомесечното интервју за ОhridNews.


Инаку, деневиве порталот „Република“ објави фотографија на охриѓанец, чие возило е испрскано со спреј од непознати сторители за време на престојот во Грција.

O.T.

фото: „Република“, Дарко Андоновски, OhridNews